Ревизорите бараат деблокада на институцијата, и власта и опозицијата сакаат кандидат поддржан со широк консензус

Државна ревизија речиси две години е без главен државен ревизор. Институцијата, која треба да го става под лупа начинот на кој функционираат државните институции и во однос на трошењето на парите на граѓаните и во однос на нивната усогласеност со законите е обезглавена, а изборот на прв човек на ревизија е блокиран во собраниската Комисија за избори и именувања.

И власта и опозицијата се залагаат за широк консензус за кандидат за главен државен ревизор, но по последниот неуспех да се избере прв човек на ревизија се уште не е свикана нова седница.

Сите вработени во Државна ревизија вчера излегоа на прес-конференција, заеднички да упатат апел да се одблокира работењето на нивната институција.

Говорејќи на прес-конференцијата одржана во ДЗР, ревизорот Мијалче Дургутов нагласи дека таа е свикана на иницијатива на сите вработени, со цел да се изрази нивната загриженост од фактот што оваа институција веќе една година и 11 месеци функционира без директор, а на 4 октомври годинава истекол мандатот и на заменикот директор, со што е оневозможено нормалното функционирање на Заводот и е доведена во прашање неговата независност.

Без директор нема да бидат во можност да ја реализираат тековната програмата за работа до крај, ниту да ја донесат програмата за работа за 2020 година.  Тие ќе бидат онеспособени да ги контролираат државните институции, да ги плаќаат сметките за нивните канцеларии, да добијат плати. Нема да можат да ги контролураат ниту финансиските извештаи на партиите од кампањите. А за оваа пролет веќе се најавени нови избори.

Нова седница Димовски ќе свика откако најмалку седум пратеници ќе застанат зад еден кандидат

– Во момент кога најмалку седум пратеници – членови на Комисијата за избори и именувања ќе понудат дека стојат зад еден кандидат за прв државен ревизор, кога неговиот избор ќе биде извесен, претседателот на Комисијата Илија Димовски ќе свика седница. Комисијата има 12 членови и 12 заменици-членови, претседател и заменик-претседател.

Тој во изјава за МИА вели дека засега нема сознанија дали е постигната согласност за одреден кандидат, но нагласи дека партиите од власта мора да се однесуваат поодговорно.

– Проблемот е што СДСМ упорно мисли дека треба сама да избере државен ревизор без да ги почитува другите партии во Собранието. Мислам дека треба да се постигне широк консензус за избор на прв ревизор, меѓудругото од аспект на зачувување на кредибилитетот на таа институција, како независна, нагласи Димовски во изјава за МИА.

Тој додаде дека ревизорот ако е еднострано избран, дури и да не е партиски кандидати, сите на него ќе гледаат како продолжена рака на одредена политичка партија.

Вработените во Државна ревизија дошле во Собранието со свои предлози. Тие имале средба со собранискиот спикер Талат Џафери, а на неа присустувал и Димовски, разговарале за проблемите и понудиле неколку варијатни за решавање на ситуацијата, кои како што кажа Димовски вреди да се погледнат, но додаде дека најдобро би било што е можно поскоро да се избере главен државен ревизор.

Истакна дека додека не се постигне согласност за еден кандидат од барем седум пратеници нема да свика седница, тоа вели не е добро во моментов, членовите на комисијата веќе се произнеле за двајца кандидати, ќе се одлговлечи процесот, ќе треба да се распишува нов конкурс, а тоа ќе го одложи процесот за уште неколку месеци.

– Мислам дека главниот државен ревизор треба да биде прифатлив за што е можно поголем пратеници, да има кредибилитет. Разговаравме со СДСМ за прифатливи решенија и во одреден момент имавме и договор за решение, кое ќе го поддржи целиот Парламент, но без најава и образложение СДСМ се повлече од таквиот договор, рече Димовски во изјава за МИА, но не сакаше да го каже името на кандидатот околу кои власта и опозицијата постигнале согласност, велејќи дека не сака никого да става во повластена позиција.

За Локвенец прашањето треба да се реши најдоцна следната недела

На конкурсот за нов главен државен ревизор, кој во Службен весник излезе на 26 декември 2017 година, се пријавиле 12 кандидати, од кои големо мнозинство ревизори, кои работат во институцијата. На седницата, одржана на 1 ноември пратеникот Мухамед Зеќири го предложи Адем Цури за државен ревизор и за него гласаа шест од 12 присутни членови на Комисијата. Пратеникот Ејуп Алими, пак го предложи Насер Адеми којшто ја извршуваше функцијата заменик државен ревизор.

Хари Локвенец од СДСМ, кој е член на Комисијата во изјава за МИА вели дека очекува дека најдоцна следната недела треба да се реши прашањето околу изборот на прв државен ревизор.

– Наша цел е обезбедување на широк консзензус околу изборот на главен државен ревизор во насока на зголемување на довербата на граѓаните во државните инстититуции. Главниот државен ревизор како водство на една од поважните контролни инстититуции во државата. Покрај тоа паралелено размуслуваме и за законско одблокирање на работата на ревизијата, не само од технички аспект на идното фукционирање, туку и во суштинскиот дел за она за што се задолжени, додаде Локвенец.

Тој вели дека опозицијата го блокира работење на Комисијата, на која и се наталожиле голем број предмети, избори и именувања и во други институции.

Услови кои треба да ги исполни кандидатот за главен државен ревизор

Главниот државен ревизор се избира по пат на јавен оглас и треба да исполнува повеќе услови.

Треба да биде државјанин на Република Северна Македонија, да има високо образование од областа на економските и правните науки, да има најмалку седум години искуство во областа на економијата или правото. Главниот државен ревизор треба да поседува и меѓународно признати сертификати или уверенија за познавање на англискиот јазик не постар од пет години при што во законот се понудени неколку опции.

Првиот човек на ревизија не смее да врши друга јавна функција или професија, не треба да е член во ограни на политичка партија, член на управен одбор, надзорен одбор или кој било друг орган кај друг правен субјект. Не треба да му биде изречена прекршочна санкција, односно казна за забрана за вршење на професија, дејсност или должност.

Првиот човек на ревизија има мандат од девет години и нема право на реизбор. Согласно законот има повеќе надлежности, а доколку наскоро не се избере институцијата меѓу другото ќе биде блокирана во буџетот и во донесувањето на годишната програма за работа.

Претстојат избори, без прв човек ДРЗ не може да врши ревизија на изборите кампањи 

Неизборот на државен ревизор би го довело во прашање и спроведувањето на изборите, бидејќи ДЗР во такви услови не би бил во можност да врши ревизија на изборните кампањи. А кампања претстои со оглед на тоа што за 12 април се предвидени предвремени паламентарни избори.

Вработените во ДЗР одржале неколку собири од кои упатиле писма до сите институции во државата со барање под итно да се избере директор на Заводот, за што нивна делегација одржала и два работни состаноци со претставници на Собранието.

За средбите со претставниците на Собранието вчера информираше ревизорот Бранислав Гулев, кој нагласи дека од Димовски биле информирани дека ќе свика комисиска седница за избор на директор на ДЗР, кога „ќе почувствува дека постои договор меѓу партиите“ околу изборот.

Тие на средбите нагласиле дека неизборот на директор ги оневозможува исплатата на платите и социјалното и здравственото осигурување на вработените, а ДЗР не може ниту да ги плаќа режиските трошоци за електрична енергија и комуналии, што институцијата би ја довело до дополнителни проблеми.

Без ефикасна ревизија нема контрола врз институциите

Секој ревизорски извештај дава детали за недостатоците во работењето на институцијата која била под нивна лупа и тоа всушност ќе даде придонес во исправувањето на општеството и негово застанување на здрави нозе. Во ревизорските извештаи многу често има и индиции за злоупотреба и криминал во работењето.Ревизорските извештаи се еден од битните чинители во октривањето на корупцијата и криминалот од страна на новинарите.

Ревизорката Лилјана Стојанова информираше дека со програмата за работа на ДЗР за 2019 годна биле предвидени 54 ревизии, од кои само 11 се комплетно завршени, а 12 се се уште во тек и треба да завршат до 31 декември.

Останатите 31 ревизија, според неа, се спроведени, но постапката не може да биде завршена затоа што нема одговорно лице во ДЗР што ќе ги потпише завршните ревизорски извештаи.

Според годишниот извештај за работата на ревизосите за 2018 година, кој е доставен до Собранието тие прочешлале 102 субјекти од вкупно 1.500 во државата и напишале 117 извештаи.

Во една третина од случаите изразиле негативни мислења за финансиските извештаи на институциите што ги анализирале. Во 21 процент од случаите имале „мислење со резерва“, односно откриле одредени недостатоци, а позитивно мислење имале во 35 отсто од случаите.

Во десет отсто, ревизорите се воздржале од давање мислење – наишле на несоодветна, неуредна, некомплетна, неточна документација.

Според годишниот извештај на Ревизија во 2018 година, Јавното обвинителство добило 21 конечен ревизорски извештај за кои е оценето дека е сторен прекршок или кривично дело.