Министерот за земјоделство Димковски на промоција на реализирани капитални сообраќајни инвестиции во Кочани

Околу 15,4 милиони денари се инвестирани во пробивањето и изградбата на новото сообраќајно поврзување на Кочани со населбите Оризари и Гратче, со што се скратува патната комуникација за овдешното население.

Покрај тоа, во наредниот период во оваа општина ќе се реализираат уште три инфраструктурни проекти што се оценети како квалитетни и заслужуваат поддршка од државата, беше истакнато при денешната работна посета на Кочани на министерот за земјоделство Трајан Димковски.

Заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски и градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, тој направи увид во проектите што се реализираат со средства од програмата „Инвестиции во локална патна инфраструктура за поврзување на села со регионален пат или со населено место-град во должина до 7 километри“.

– Околу 38 милиони евра се издвоени од државниот буџет за финансирање на проекти од руралниот развој во сите општини, а тоа се пари со кои се градат и реконструираат локални патишта, водоводи, канализациска мрежа, паркови, тротоари и слични инфраструктурни зафати со цел да се создадат подобри услови за живеење на населението во руралните средини. Со ефикасно искористување на овие мерки ќе се решат проблемите со комуналната и патната инфраструктура во руралните средини, ќе се обезбеди солидна урбана и транспортна инфраструктура во и надвор од руралните населени места, со единствена цел подобрување на условите за живот на граѓаните, што позитивно ќе влијание и врз развојот на регионалната економија, истакна министерот Димковски.

Новото сообраќајно поврзување на Кочани со околните населени места е со вкупна должина од над два километри, а од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој најавија дополнителна помош за изградба и реконструкција на улици во селата Долни Полог, Мојанци, Тркање, Прибачево, Оризари и изградба на  локален пат од местото Крушка до местото Ајдар.

-За сите овие проекти општина Кочани од Платежната агенција доби финансиска помош од 32,8 милиони денари. Освен тоа, преку Центарот за развој на источниот плански регион се реализира проектот за изградба на пристапен пат од селото Оризари до манастирот Пресвета Богородица, во туристичката населба Добра Вода, за што е дадена финансиска поддршка од близу 13 милиони денари, истакна директорот на Агенцијата, Николче Бабовски.

Заблагодарувајќи се за финансиската поддршка од државата, градоначалникот Илијев рече дека со успешна реализација на ваквите инвестиции се подобруваат условите за живот во руралните средини со цел да се намали миграцијата од град кон село и да се обезбедат еднакво добри услови за живот во селата, со цел да се намали и иселувањето од државата.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *