За здравството во 2020 година предвидени 7,1 милијарда денари

 Предлог-буџетот на Министерството за здравство за 2020 година изнесува 7,1 милијарда денари, и е зголемен за 634 милиони денари споредено со буџетот за годинава. За наредната година предвидуваме мерки и политики кои се во насока на унапредување и зајакнување на здравствениот систем преку подобрување на условите во јавните здравствени установи, набавка на медицинска опрема, како и обезбедување лекови, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција во Владата.

Тој посочи дека годинава ја почнале со зголемување на платите на здравствените работници, а овој тренд на зголемување на платите и подобрување на условите за работа на медицинскиот персонал ќе продолжи и идната година.

– Во изминативе две години вкупното зголемување на основната плата на лекар специјалист е 40 отсто, на медицинска сестра 20 отсто, односно 23 отсто, 40 отсто на наставниот кадар, 25 отсто на општите лекари и 15 отсто на сите здравствени соработници. Со зголемување на сумата пари за дежурства, односно ноќен труд има здравствени работници, лекари специјалисти кои имаат двојно поголеми плати во однос на 2017 година, рече Филипче.

Во 2020 година, потенцира министерот, биле завршени градежните активности за реконструкција на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид, а продолжиле и градежните активности во Општата болница во Струмица, како и реконструкцијата и доградбата на Специјалната болница по хирушки болести „Св.Наум Охридски“ во Скопје.

Како следни приоритети тој ги наведе реконструкцијата на котларата во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Скопје и на покривот на Заводот за нефрологија во Струга, потоа почетокот на градежните активности во Специјалната болница за респираторни болести во Отешево, изградбата на целосно нова амбуланта во општината Сарај и целосно два нови блока за болните во Психијатриската болница во Демир Хисар, како и реконструкции на повеќе јавни здравствени установи, а со средствата во износ од 812 милиони денари ќе продолжи изградбата на новата Клиничка болница во Штип и новиот Универзитетски клинички центар во Скопје.