МАТТО: Македонија и Турција целосно да ја либерализираат трговијата со земјоделски производи

Македонија и Турција целосно да ја либерализираат трговијата со земјоделско прехранбените производи и што поскоро да отворат дијалог на институционално ниво за поголема економска соработка преку инвестиции од двете страни и заеднички настап на трети пазари, порачаа учесниците на денешниот симпозиум што го организира Фондацијата за економски истражувања од Истанбул.

Според бизнисмените, без искрена политичка волја нема ниту промени, ниту брз билатерален напредок, но најважно е да постои политичка стабилност, да функционира правната држава, да има конзистентност и предвидливост на легислативата, како и ефикасен приватно јавен дијалог.

-За да се зголеми економската поврзаност меѓу Македонија и Турција двете влади треба да утврдат стратегија за натамошна соработка и да ги дефинираат приоритетите. Тие најмногу може да придонесат во заедничко користење на ЕУ- фондовите, пренесување на турското искуство за јавно приватно партнерство и во олеснување на постапките за водење бизниси, вклучувајќи времен престој и работа, истакна претседателот на Македонско-турската стопанската комора (МАТТО) Ајдован Адемоски.

Адемоски оцени дека модернизација на домашната економија со учество на турскиот ноу-хау, пред, се во индустриското и земјоделското производство, градежништвото и туризмот, користење на македонските ресурси за аутсорсинг услуги и вклучување во глобални ланци на додадена вредност преку релокација на турските извозници во Македонија, се само некои од можностите за унапредување на соработката.

Неопходно е, подвлече Адемоски, македонските компании да станат што повидливи за турските, а потенцијалните партнери од Турција да добијат информации кои би биле одлучувачки за носење деловни одлуки за соработка со Македонија.

Министерот без ресор Аднан Ќахил во обраќањето на симпозиумот потенцира дека македонската економија е отворена за соработка и тоа и дава за право, како што рече, да смета на што поголем број странски инвеститори.

-Гледањето на Македонија како мал пазар е минато. Македонија треба да се гледа во рамки на ЕУ и како можност за соработка со трети земји, нагласи Ќахил, додавајќи дека освен во слободните економски зони каде скоро сите давачки се сведени на нула, земјава нуди исклучително поволни услови и во делот на гринфилд и браунфилд инвестициите.

Последните податоци покажуваат дека трговската размена меѓу Македонија и Турција е скромна. Во првите девет месеци од годинава изнесува 314 милиони долари, од кои само 60 милиони е извоз од македонска страна.

– Бележиме скромен раст во размената од 4,1 отсто, имајќи предвид колку сме блиску и колку добро соработуваме. Македонскиот извоз се зголемува и секако тоа е добро, но дисбалансот од наша страна е сериозен, укажа Антони Пешев од Стопанската комора на Македонија.