ЕУ и УНДП заеднички инвестираа во реконструкција на пат во општина Конче

Амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар и Високата претставничка на УНДП во Македонија, Луиза Винтон, денеска беа во посета на општина Конче, каде беа информирани за реализираните инвестиции.

Со средства од ЕУ и УНДП во висина од 200 илјади евра извршена е рехабилитација на дел од регионалниот пат за село Долни Липовиќ во должина од шест километри, со надградба на нов слој асфалт во ширина од 3,5 метри.

Според евроамбасадорот Жбогар општина Конче е убаво место, но тешко за живеење.

– Среќни што заедно со УНДП можеме да инвестираме тука, конкретно во патот кој беше многу оштетен од поплавите. Тоа е патен правец кој претставува главна артерија за луѓето што живеат тука, за децата кои одат на училиште, за земјоделците и сите кои патуваат и имаат потреба да одат некаде, рече амбасадорот Жбогар.

Притоа, тоја истакна дека со средства од ЕУ се реализирани и други проекти во општина Конче, посебно во областа на туризмот и уредувањето на речните корита. Според амбасадорот на ЕУ вкупната вредност на реализираните проекти во општина Конче изнесува 800 илјади евра.

Поради добрата искористеност на средствата од ЕУ амбасадорот Жбогар на градоначалникот на Конче, Благој Јанев, му додели благодарница.

Високиот претставник на УНДП во Македонија, Луиза Винтон истакна дека првпат престојува во општина Конче и притоа е многу важно да се види колкава е потребата од изградба на патишта.

– Среќни сме што успеавме да помогнеме во реконструкцијата на овој важен патен правец, кој беше оштетен од поплавите, заедно со ЕУ. Сето тоа е важно за УНДП и понатаму да помага во намалувањето на ризиците од поплави преку проекти кои ги реализираме токму тука во овој регион, како што се добрите земјоделски практики и управувањето со сливот на реката Струмица, рече Винтон.

Покрај средбата со градоначалникот на Конче, Жбогар и Винтон го посетија манастирот „Свети Стефан“ во Конче и „Јаворот“- споменик на природата, како и патот кој беше реконструиран со средства од ЕУ и УНДП.