Со средства во висина од околу 45 илјади евра, донација од народот на Јапонија, ќе се рехабилитира Здравствениот дом во Кратово.
При денешната работна посета на Општина Кратово, јапонската амбасадорка Кеико Ханеда потпиша договор со градоначалникот Љупчо Бојаџиев за реализација на проектот „Подобрување на медицинската средина на ЈЗУ Здравствен дом Кратово“ , овозможен преку „Грант програма за мали проекти“ (ГГП).
– Рехабилитацијата на Здравствениот дом во Кратово ќе се изврши со средства во висина од 45.333 евра. Ова не е прва донација од народот на Јапонија, помеѓу 2002 и 2007 година, Здравствениот дом на Кратово има добиено неколку медицински апарати, едно амбулантно возило и едно теренско возило за медицинска помош, во вредност од 300.000 евра кои се користат и денеска, информира градоначалникот Бојаџиев.
За јапонската амбасадорка ова не е нејзина прва посета на Кратово, претходно присуствувала на отворање на јапонска изложба, која, како што рече, се воодушевила од историјата и шармот на град от со средновековни мостови и кули.
– Денеска сум среќна што сум тука за убава пригода, потпишување договор за грант со градоначалникот за реновирање на локалниот здравствен центар. Јапонската помош има за цел да им помогне на граѓаните да го подобрат животниот квалитет. Народот на Јапонија, како ваш пријател е среќен кога ги гледа вашите насмевки , изјави Ханеда.
По потпишувањето на договорот, амбасадорката ги посети Здравствениот дом и културно-историскиот локалитет во село Куклицa „Камени кукли“.