Општина Дебрца преку проект на ЕУ ќе ги унапредува можностите за развој на зимски туризам

Со средства обезбедени преку фондовите на ЕУ за прекугранична соработка, Општината Дебрца ќе реализира туристички проект насловен „Нови можности за безбедни зимски авантури“, заедно со Општината Грамш во соседна Албанија.

Општините Дебрца и Грамш заедно со охридската Општинска организација на Црвениот крст и Алпинистичкиот клуб „Патагонија” од Охрид ќе бидат дел од проектот насочен кон развој на безбеден туризам во зимски услови.

Предвидено е Дебрца преку проектот да обезбеди реконструкција на старата училишна зграда во село Брежани и нејзина адаптација во Планинарски дом опремен со 25 легла, поставување на пропусти за зафаќање на атмосферските води на патот село Брежани-Илинска Планина, набавка на возило со потребна опрема за спасување во планина и други активности.

За самиот проект градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески вчера беше во Грамш, каде се сретна со неговиот колега Клодиан Таце со кого разговарале за можностите за унапредување на соработката на обострана корист.

– На средбата го искажав моето задоволство што ќе можеме да соработуваме како две општини кои имаат одлични предуслови за развој на планинскиот, зимскиот и авантуристичкиот туризам, изјави Ногачески, изразувајќи уверување дека ова е само почеток на успешна соработка меѓу двете општини, не само на имплементацијата на конкретниот проект, туку и на други идни проекти од заеднички интерес.

Градот Грамш има околу 36 илјади жители и е центар на истоимената област што се наоѓа јужно од Елбасан.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *