Промоција на природното и културното богатство на кумановскиот регион

Во рамки на проектот „На патот“ на Локалната акциска група ЛАГ „АБЕР 2015“, финансиран од Швајцарската амбасада, уметниците од кумановско изработуваат дела кои го промовираат природното и културното богатство на регионот, информираа денеска надлежните.

Академскиот сликар Дејвид Стоилкововски-Дејс ја уреди руинираната автобуска постојка на местото Света Петка, една од првите контактни места на туристите кои патуваат кон Кокино и црквата Свети Ѓорѓи, на подрачје на општината Старо Нагоричане во близина на магистралниот пат кон Бугарија и граничниот премин Свети Прохор Пчињски.

Идејата на проектот е да се даде поддршка на уметниците и да се развие свеста кај локалните власти и бизнис заедницата дека можат во голема мера да го искористат креативниот потенцијал на уметниците и заедно да го направат кумановскиот регион поубаво место за живеење.

– Руинирана и стара, автобуската постојка долго време го нагрдуваше околниот пејзаж и со ништо не ги мамеше туристите да претпостават какви убавини и споменици крие овој крај. Токму затоа ние ја одбравме како место на кое што проектот ќе дејствува. Академскиот сликар Дејвид Стоилковски – Дејс се потруди врз неа да го остави својот уметнички печат, претворајќи ја грдата постројка во уметничко дело насловено „Весела станица“, кое сега претставува портал кон културното наследство и скриените уметнички вредности на нагоричкиот крај, вели директорот на проектот, Дејан Ѓорѓиевски.

Од ЛАГ „АБЕР 2015“ се надеваат дека оваа интервенција ќе ги поттикне сите чинители да воочат како со минимални средства и време може да се продуцираат значајни и ефектни продукти кои го разубавуваат регионот. Оттаму сметаат  дека со реализацијата на проектот, ќе дадат придонес во креирањето на нов, модерен, уметнички лик на Куманово и околината,ќе им дадат можност на уметниците и креативците да изработат дела кои ќе бидат поставени надвор од галериите, достапни до граѓаните.