Димитров-Јоурова: Испорачаното од земјава е за почит и треба соодветно да биде валоризирано од ЕУ

Испорачаното досега од земјава e за почит и тоа треба соодветно да биде валоризирано од страна на ЕУ што е можно поскоро, истакна еврокомесарката за правда, потрошувачи и родова еднаквост, Вера Јоурова изразувајќи поддршка за нашите ЕУ аспирации на денешната средба во Скопје со шефот на дипломатијата Никола Димитров.

Како што соопшти МНР, министерот Димитров најнапред и упати честитки на Јоурова за новата позиција во новиот состав на Европската комисија, како надлежна за портфолиото – европски вредности и транспарентност, кои се, посочил, од особена важност за македонските граѓани и кон чија целосна реализација се стреми македонското општество.

Притоа, се додава, тој ја потврди одлучноста да се продолжи по тој пат и покрај разочарувачкиот исход од октомврискиот ЕУ Самит. Во тој контекст беа разменети мислења и за домашните случувања, како и за очекувањата и следните чекори поврзани со ЕУ агендата. стои во соопштението.

Еврокомесарката Јоурова престојува во земјава по повод Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи, организиран под покровителство на Финското претседателство со ЕУ, што се одржува денеска и утре во Скопје.