Кофинансираните специјализанти бараат регулирање на работниот однос

Регулирање на работниот однос од определено на неопределено време и добивање на сите останати привилегии, обврски и права кои ги имаат сите вработени, особено доктори. Ова се барањата на претставниците од групата на кофинанасирани специјализанти кои денеска излегоа на мирен протест пред Министерството за здравство со цел да го изразат своето незадоволство во однос на нивните договори за работа.

Тие велат дека би биле задоволни со тоа што би биле нивелирани како сите останати доктори што работат во државата, особено специјализанти. Прашуваат зошто и на кој начин се ставени во подредена позиција.

Доктор Филип Наумовски, специјализант по анестезија и реанимација, изјави дека одлуката за овој протест не е донесена во миг и е резултат на претходни повеќекратни средби и, како што рече, неможност да наидеме на разбирање за решение на нашите проблеми кои потекнувата од договорот за вработување.

Сандра Цилевска, специјализант на Трауматологија, вработена во Општа болница Велес изјави дека министерот за здравство Венко Филипче е запознаен со нивните барања и додаде оти оствариле многу средби.

– Ние сме посебна група кофинасирани специјализанти, иако не мешаат со приватните кои се друга група. Ние работиме под определени услови кои не важат за ниедни други вработени во државата. Нашите договори се на определено време, до завршување на специјализација и потоа преминување на неопределено време. Во меѓувреме земаме просечна плата на ниво на држава што е 24 илјади денари и која во однос на останатите плати на медицинските лица е многу пониска, рече Цилевска.

Во меѓувреме, како што рече, сами кофинансираме специјализација. Во зависност од степенот на кофинасирање, кај некои достигнува дури до 80 отсо самостојно плаќање, а од друга страна имаме исти договори како државните специјализанти кои 100 отсто државата им ја исплаќа специјализацијата.

– Исто сме врзани како нив да враќаме, односно поради последните промени кај нив се промени враќањето 1:2, на место порано 1:5, кај нас остана исто. И покрај тоа што имавме договори со министерот тоа да се смени, да помине на законска регулатива во Собрание, тоа не се спроведе. Ние останавме со врзување 1:5., рече Цилевска. Додаде дека голем дел од нивните колеги кои станале специјалисти не успеале да го стекнат правото да се вработат на неопределено време, како што е определено во истиот тој договор поради правни пречки. Нашиот договор, како што рече, правно не соодветствува на општите договори кои важат за вработени во здравствени установи, општи работни односи и Закон за здравствена заштита.

Одговарајќи на новинарско прашање, Цилевска рече дека последната официјална средба со министерот Филипче ја имале пред четири месеци кога се договориле да изнајдат решение.

– Ни посочи доколку успееме ние правно да го решиме проблемот, кој главно е од правна гледна точка проблематичен, дека тој има волја тоа да го среди. Ние ангажиравме правно лице, професор од Правниот факултет за да ни изработи такви правни опции и го доставивме до Министерството. Од тогаш не можеме да добиеме никаков контакт со министерот. Пред неколку дена дел од колегите оствариле неофицијална средба и ништо конкретно не било посочено, рече Цилевска, додавајќи дека бараат конкретно решавање на нивните проблеми и конкретен датум во кој тоа кога ќе се реши.

Најавуваат дека даваат рок се за да се заврши максимум до еден месец. Знаат дека спроведувањето може да потрае подолго и свесни се дека проблемот е комплексен. Ако не се исполнат нивните барања велат дека ќе продолжат со протести и со останати форми на изразување револт.

Велат дека во организацијата на овој протест имаат поддршка од своите ментори, колеги, матичните институции каде се вработени и од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари- АСМЛ и Здружението на лекари специјалисти -ЗЛС.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *