Општина Дебрца победува во борбата против изградба на регионална депонија за отпад во атарот на село Годивје

При донесувањето на документацијата во проектот за воспоставување интегриран систем за управување со отпад во Југозападниот плански регион не се запазени предвидените законски процедури. Заради тоа Второстепената владина комисија го поништи решението според кое локација во атарот на село Годивје беше посочена како место каде би била изградена регионална депонија со постројка за третман на отпадот, а предметот повторно е вратен на разгледување во ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање.

Предложената локација од проектантскиот консултант „Енвиро план“ беше обжалена од страна на Општина Дебрца дека Министерството, Студијата за оцена на влијанието врз животната средина ја донело во нетранспарентна постапка, без мислења на засегнати страни како Хидробиолошкиот завод во Охрид, Националната комисија на УНЕСКО, Управата за заштита на културното наследство и други, како и со непочитување на одредбите на Законот за животната средина.

Општина Дебрца категорично е против изградбата на каква било депонија и постројка за третман за отпад во нејзиниот атар, оттаму што се работи за еколошки чиста средина, а уште повеќе што се работи за сливно подрачје на Охридското Езеро.

– Нашето мислење и сите еколошки аргументи укажуваат дека Дебрца како дел од сливното порачје на Охридското Езеро не смее да биде локација каде би се градела таква постројка. Како Општина сме свесни за потребата од решавање на проблемот со отпадот, но со оглед на тоа што Југозападниот плански регион зафаќа девет општини од кои повеќето надвор од сливот на Охридското Езеро, решението треба да се бара на друго место, истакна градоначалникот на Дебрца Зоран Ногачески.

Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска, појасни дека ревидирана е студијата и напуштена е идејата што предвидуваше регионална санитарна депонија да се гради во Дебрца.

– Ние ја напуштивме таа идеја, таа идеја за изградба на депонија во Годивје, дури ја анализираме можноста заради поекономично управување со отпадот таа дури и да не биде во сливот на Охридското Езеро, што всушност и беа заложбите на граѓанските организации. Правиме сериозни чекори да постапиме и по барањата на локалното насление, но и да биде обезбеден современ систем за управување со отпад, рече Петровска.

Таа додаде дека во тек се активности на консултантите по предметот, се разгледуваат можностите, а сценарија упатуваат и на можност охридскиот регион отпадот да го носи во Битола.

Граѓаните на Дебрца се спротивставија на предлог-локацијата за изградба на депонија кај Годивје уште од самото презентирање на проектот. Категоричното спротивставување го демонстрираа преку референдумско изјаснување спроведено во октомври 2017 година заедно со локалните избори. На референдумот против изградба на депонија на нивна територија се изјаснија дури 87 отсто од оние граѓани на Дебрца што излегоа на гласање.