Извештај: Во 2018 година во Северна Македонија се донирани околу два милиони евра

Во 2018 година се забележани 581 единечни случаи на донирање во добротворни цели во Северна Македонија, а со донации во земјата се собрани околу два милиони евра, покажа истражувањето „Годишен извештај за состојбата со филантропијата во Северна Mакедонија во 2018 година“, спроведено од Фондацијата „Каталист“.

– Податоците во 2018 година покажуваат дека филантропската активност во Северна Македонија била на пониско ниво отколку во 2017 година – внесени се 581 случај на донација што е за 13,4 проценти помалку од претходната година, наведе Нела Мојсоска, координаторка на програмата.

Таа истакна дека во 2018 година, во однос на донираните вредности, забележани се значителни промени во зголемувањето на нивото на корпоративна поддршка.

Според истражувањето, во однос на темите за кои се донираат средства, на врвот на листата е здравствената заштита, пред поддршката за маргинилизираните групи, а потоа намалувањето на сиромаштијата и образованието.

Минатата година забележано е силно зголемување на фреквенцијата на процентот на донации кон државата и здравствената заштита.

Во 2018 година забележано е зголемување на долгорочната стратешка помош – процентот на случаи на долгорочна подддршка е на највисоко ниво – 39,8 отсто.

Мојсоска, посочи дека според типот на донатори, најбројни се масовните донатори, потоа следува корпоративниот сектор, па индивидуалците, додека мешаните донатори и приватните фонадии се последни на листата.

Во однос на сумите кои се собрани, од корпоративниот сектор се донирани 67,5 проценти од вкупната сума, од масовните донатори 12,1 отсто, додека од индивидуалците 7,3 проценти.

– Распределбата на поддршка на четирите клучни приматели е повеќе изедначена оваа година, иако поединци и семејства, со 31,2 проценти, ја задржуваат првата позиција по број на примери што им биле упатени. Непрофитните организации добија намален процент на донации, бидејчи вниманието на донаторите се префрли од поддршка на маргинилизираните групи, на здравствена заштита и поддршка на институциите кои бележат пораст минатата година, информираше Мојсоска.

Локалната заедница, луѓе со економска потреба, луѓе со здравствени проблеми и луѓе со посебни потреби сочинуваат 82 проценти од корисниците на донации.

– Кога станува збор за употребата на донации, 2018 година донесе позитивно продолжување на добро воспоставениот тренд. Бројот на примери за донации дадени во форма на поддршка што може да предизвика долгорочни ефекти – капитални инвестиции, опрема, стипендии, услуги, истражување и развој и подигање на свеста, повторно порасна и достигна 39,8 отсто, рече координаторката на програмата.

Според истражувањето „Компаративната студија за перцепцијата на филантропијата во Западен Балкан“, што го презентираше Нејтан Кошал од Балканскиот фонд за демократија, речиси сите испитаници од земјите од Западен Балкан имаат слични ставови во однос на свесноста и разбирањето на филантропијата.

– Во Северна Македонија 49 отсто од испитаниците сметаат дека државата е најодговорна за општото добро, но во добар дел тоа е и одговорност на граѓаните и должност на заедницата, посочи Кошал.

Тој рече дека 46 отсто од испитаниците во Северна Македонија сметаат дека малку е развиена навиката за донирање во земјата.

– Во земјата 52 отсто од испитаниците навеле дека неколку пати годишно учествуваат во акции насочени кон општо добро.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *