Соработка на УСАИД и FX3X за унапредување на развојот на занимањата во индустријата за визуелни ефекти и дигитална анимација

Соработка за унапредување на развојот на занимањата во индустријата за визуелни ефекти и дигитална анимација, денеска најавија проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем и компанијата за анимација и визуелни ефекти FX3, во рамки на која ќе се кофинансира воведна обука за визуелни ефекти и дигитална анимација која ќе им помогне на учесниците да најдат вработување и да се пробијат во оваа брзорастечки индустрија.

Според Мирјана Македонска, директор на проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, заедничката иницијатива има за цел да се зголеми вработеноста во земјата со премостување на јазот меѓу кадрите кои им се потребни на компаниите и оние кои се нудат на пазарот.

– Побарувачката за аниматорите и уметниците за визуелни ефекти е висока и ќе продолжи да расте, па затоа мораме да се погрижиме дека оние кои се заинтересирани за овие креативни кариери, особено младите, имаат доволно прилики за да ги запознаат и да ги стекнат потребните вештини, изјави Мирјана Македонска.

Проектот и FX3X дополнително ќе соработуваат на организирање на промотивни работилници за анимација и визуелни ефекти во средните училишта со цел популаризирање на овие перспективни занимања.

Кристијан Даниловски, ко-основач и извршен продуцент во FX3X, објасни зошто компанијата одлучи да соработува со УСАИД на оваа иницијатива.

– Ние континуирано инвестираме во развојот на нашите вработени, но мораме да инвестираме и во развојот на оние кои можеби во иднина ќе станат наши вработени, затоа што растот на нашата компанија многу зависи од достапноста на квалификувана работна сила. За жал процесот на формално образование не е доволен за да се произведат кадрите кои се потребни во нашата индустрија, иако има одлична перспектива за вработување и добри примања. Затоа сметаме дека приватниот сектор може да го пополни образовниот јаз преку ваков вид на обуки за вработување, што ќе донесе придобивки не само за компаниите, туку и за целата економија, изјави Даниловски.

Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем е петгодишен проект (2017-2021) кој го поддржува развојот на работната сила преку кофинансирање на обуки за вработување на дефицитарни кадри во соработка со водечки компании. FX3X е водечка компанија за анимација, визуелни ефекти и пост продукција со портфолио кое вклучува работа на бројни холивудски блокбастери и добитници на наградата Оскар, но и многу домашни филмови како високо-наградуваниот документарен филм „Медена земја“.