Работилница за подобрување на интегративниот пристап во заштитата на културното наследство

Работилница за подобрување на интегративниот пристап во заштитата на културното наследство посветена на урбанистичкото и просторното планирање и на законот за градење се одржа денеска во Скопје.

Целта на ваков вид собир, како што информира Јулија Тричковска, член на Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети – ИКОМОС, е пред се стручната јавност да размени ставови и мислења околу потребата од развој на законската регулатива во дадената област, нејзината хармонизација и синхронизација со законски определените обврски кои произлегуваат од искуствата при нивната примена, а со тоа да се подобри системот на интегрирана заштита на културното наследство, односно неговото соодветно вклучување во општествениот развој.

– Имајќи предвид дека е во процес изготвувањето на новиот закон за заштита на културното наследство, ваков вид дебати се неопходни особено за подрачја кои од праксата се веќе покажани дека се деликатни, дискутабилни и не вродуваат многу плод, затоа што не постои меѓусекторска соработка на завидно ниво, а и онака има порблеми во самите сектори, смета Тричковска.

Оттаму, додава таа, прво претпоставуваме дека треба да се постават проблемите и да се решаваат тие проблеми на ниво на Министерство за култура и на другите надлежни институции, управата за заштита на културното наследство и службите за заштита кои изготвуваат одредени документи валидни за урбанистичкото планирање, а понатаму веќе да одиме во таа меѓусекторска соработка за хармонизација на законските одредби и нивно соодветно процесуирање за да го вклучиме културното наследство на релевантен начин во општествениот живот.

На дебатата учесниците се осврнаа на целисходноста, видот и обемот на активностите за изработка на документација на надлежните служби за заштита на културното наследство за потребите на планирањето на просторот со културно наследство.

Прашана за проблемот со акведуктот и што да се преземе да се избегнат вакви ситуации, Тричковска рече дека тоа е конзерваторски проблем, но оти акведуктот останува простор кој не е целосно урбанизиран.

– Тоа е конзерваторски проблем, не е во аспект на тоа што го кажувам во однос на урбанистичкото планирање иако има и тука некои аспекти, бидејќи акведуктот сепак останува еден простор кој не е целосно урбанизиран така што службите за заштита треба и да направат соодветни активности, да го ревалоризираат, да утврдуваат зони за заштита, да утврдуваат режим на заштита, смета Тричковска.

Проблемот со акведуктот, вели таа, е и од друг аспект значајна работа, бидејќи не се знае што тој треба да претставува во иднина.

– Дали тој ќе биде под стаклено ѕвоно конзервиран споменик или ќе биде вклучен во развојот пред се мислам на туризмот и на оплеменување на животната средина на тој простор зашто се многу заинтересирани општините кои имаат надлежност над овој простор пред се општините Центар и Бутел, но тоа е отом потом, ние прво треба да го заштитиме споменикот и заради оваа законска регулатива од повеќе законски аспекти од различни сектори процесот се одолговлекува и се надевам дека ќе има успеси во блиска иднина претпоставувајќи дека веднаш треба да се преземе превентивна заштита за да може се што е по законската регулатива да се спроведе, вели Тричковска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *