Кумановци на форумски сесии избраа да се реконструира истурениот објект на „Браќа Миладиновци“

Проектот за реконструкција на истурениот објект на кумановското основно училиште „Браќа Миладиновци“ доби најголем број гласови од учесниците од последната сесија на форумот на заедниците што се одржа во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“.

Реконструкцијата на објектот во кој настава следат вкупно 520 ученици од две централни училишта, меѓу нив и 55 ученици во посебните паралелеки ќе се реконструира со 50.000 швајцарски франци, обезбедени од проектот кој го спроведува Советот на Општина Куманово со поддршка на УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка.

– Проектот за реконструкција доби најголем број гласови, чекаме потврда од бордот. Планираме да се реконструира кровот, подовите, внатрешната и надворешната столарија, изјави директорката на училиштето, Марина Манојловска.

Објектот е еден од најстарите во градот Куманово, а го користат две училишта за ученици од редовна настава и за ученици со попреченост.

Проектот влезе во конкуренција со уште седум проекти кои беа презентирани на последната форумска сесија. Претседателката на Советот, Атина Мургашанска информираше дека проектот „Зајакнување на општинските совети“ опфатил едукација за советниците од повеќе сфери и за надлежностите од локалната самоуправа. Граѓаните, здруженијата, невладините организации, општинската администрација, училишта, сами предлагаа и го избраа приоритетниот проект.

– Преостанатите средства ќе бидат употребени за информатичко јакнење на салата каде се одржуваат седниците, ќе се надогради системот за гласање, ќе се обнови мебелот, ќе се адаптира салата, ќе се обезбедат подобри услови за работа на советниците, за медиумите, за граѓаните, рече Мургашанска.

Крајна цел на проектот е да се зголеми учеството на граѓаните во процесот на донесување одлуки на локално ниво.