Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски денеска во Битола ја отвори 22. манифестација „Денови на македонското пчеларство“, што се одржа во организација на пчеларското здружение „Нектар“.
Тој во обраќањето истакна дека преку оваа манифестација, здружението „Нектар“ секоја година не потсетува за тоа колкаво е значењето на пчелите за нас, за растенијата, но и за климатските промени и намалувањето на гладот во светот. Истовремено, хранливоста на пчелните производи е до толку специфична, што не може да се добие во фармацевтските лаборатории, токму затоа, како што истакна Бабовски, наша цел е да ги заштитиме и да создадеме услови за раст и развој на пчеларството во државава. Посочи дека растот на бројот на пчелни семејства покажува дека мерките и проектите за пчеларството овозможуваат оваа гранка да се развива.
– Дека сме на прав пат покажуваат и податоците за исплатени средства за регистрирани и презимени пчелни семејства ако во 2014 – та по основ на оваа мерка сме исплатиле 99,5 милиони денари во 2018- та за истата мерка имаме исплатено 159,5 милиони денари што е зголемување на исплатените средства од 60 отсто. Преку Програмата за рурален развој поточно преку Мерката органско производство на мед во изминатите три години сме исплатиле вкупно 6,5 милиони денари. Дополнително преку Мерките од ИПАРД и програмата за Рурален развој овозможуваме набавка на опрема за пчеларство, истакна Бабовски.
Додаде дека преку ИПАРД програмата за развој на пчеларството имаме склучени седум договори и ним ќе им бидат вратени 13.000 евра за реализираните инвестиции во делот на пчеларството.
Во моментов во Република Северна Македонија има регистрирани 240.000 пчелни семејства. Владата, Агенцијата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе продолжат да креираат мерки и поволни услови за развој на овој сектор, бидејќи пчеларството е навистина важна стопанско-прехранбена гранка, информираат од Агенцијата.