Регионален состанок за Оперативниот план за активните мерки за вработување за 2020 година, кој треба да произлезе преку широка консултација со бизнис-заедницата и останатите партнери, ќе се одржи денеска во Битола.
Како што соопштија од Министерството за труд и социјална политика, на состанокот ќе присуствуваат министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, и преставници од бизнис-заедницата.
Целта на настанот е вклучување на партнерите од локално ниво во креирањето на Оперативниот план за вработување. Средбата е организирана со поддршка од проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, кој го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот, стои во соопштението.