Свети Николе со европски пари ќе ја ревитализира Пречистителната станица за отпадни води

 Општина Свети Николе со европски пари ќе ја ревитализира Пречистителната станица за отпадни води, којашто веќе десет години не функционира. Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски за МИА вели дека веќе е е потпишан договор со фирмата Флуид пројект од Скопје , како изведувач на градежни работи за ревитализација на пречистителната станица за отпадни води во Свети Николе, по објавениот тендер за јавна набавка. Очекува ревитализацијата со нова технологија да трае наредните три месеци.

Инвестицијата во вредност од 162.000 евра е грант , обезбеден со прекугранична соработка со Р Грција во рамките на ИПА програмата Биореал. Со реализацијата на овој проект, конечно, ќе овозможиме профункционирање на пречистителната станица , која веќе десетици години  не е во функција и сите отпадни води со години се влеваат во Светиниколска река , загадувајќи го цело Овчеполе, вели Велковски.

Забележува дека вакви Пречистителни станици за отпадните води се потребни и во селата каде што има изградено канализациона мрежа, бидејќи отпадните води да се доведат преку цевковод до Пречистителната станица кај гробишатата кај Свети Николе е доста скапа и голема инвестиција.

Вакви станици за отпадни води се потребни во селата Црнилиште, Амзабегово, Ерџелија и Горубинци. Но, има и села коишто немаат канализациона мрежа, какошто е Мустафино со околу 400 жители.

Општината има готов проект за комплетна канализациона мрежа и чини околу 1.200.000 евра. Велковски вели дека овие средства се недостижни да се реализираат од буџетот, но ќе се бараат преку фондовите на ЕУ или донтаори. Општината во наредниот период планира да изготви и проекти за изградба на канализациони мрежи и во селата Пеширово, Кнежје и Сопот.