Министерката за правда Рената Дескоска во Виена учествува на конференција насловена „Едукација за владеење на правото: Инспирирајте. Направете промена. Заедно“, која се одржува во организација на „Иницијативата за Едукација за правда“ во рамки на глобалната програма на Обединетите нации за борба против наркотици и криминал (УНОДЦ).
Како што соопшти Министерството за правда, на конференцијата на која учествуваат министри за правда и за образование, во фокус на дискусијата е Декларацијата од Доха, која претставува првиот документ усвоен од земјите-членки на Обединетите нации што конкретно ги поврзува образованието и спречувањето на криминалот, кривичната правда и другите аспекти на владеењето на правото.
Целта на настанот е да и се овозможи на меѓународната заедница да разговара за начините и средствата за промовирање на образованието за владеење на правото.
Севкупно, целта е преку образование за владеење на правото да се оспособи следната генерација да стане глобално општествено одговорен актер со здрав морален и етички компас – подготвени граѓани да се справат со светските предизвици поврзани со владеењето на правото.
За време на кратката посета на Виена, како што информираат од Министерството за правда, министерката Дескоска оствари и средба со извршниот директор на Канцеларијата на Обединетите нации за борба против наркотици и криминал (УНОДЦ) Јури Федотов, со кој разговараше за реформите кои ги преземаме за борба против организираниот криминал и корупција. На средбата Дескоска се заблагодари за досегашната соработка со Канцеларијата на ОН за борба против наркотици и криминал со нашата земја и за можностите за понатамошна соработка.