Фактот што денес приближно 71 милион луѓе се присилно раселени низ светот, што е впрочем најголема бројка досега, е доволен аларм што треба да ја мобилизира целата меѓународна заедница, во потрага по конкретни и квалитетни решенија во сферата на миграциите. Половината од речиси 26 милиони евидентирани бегалци, се луѓе помлади од 18 години, што претставува особено ранлива категорија, изложена на разни ризици, вклучително и на трговија со луѓе и разни други форми на експлоатација.
Ова го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето денеска во Женева, Швајцарија, во рамки на 70-та сесија на Извршниот комитет на Програмата на Високиот комесар за бегалци на ОН од сегментот за апатриди (без државјанства) при УНХЦР.
Во своето излагање министерот Спасовски нагласил дека усвоениот Глобален пакт за бегалци, како дел од меѓународните норми на заштита, е особено важен документ за обезбедување релевантна меѓународна помош за бегалците, и оти достигнувањето на клучните цели утврдени во овој документ е обврска на целокупната меѓународна заедница.
– Владата на Република Северна Македонија неодамна го усвои Законот за ратификација на Конвенцијата за намалување на бездржавјанството, којшто е веќе во собраниска процедура. Ова прашање е високо на агендата на УНХЦР и на актуелниот Генерален секретар на ООН, но истовремено е и приоритет за Владата на Република Северна Македонија, како дел од Акцискиот план за имплементација на Целите за одржлив развој и исполнувањето на фундаменталното начело – ‘не оставај никој зад себе’, од Агендата 2030“, потенцирал Спасовски, стои во денешното соопштение од МВР.
Истакнувајќи ја континуираната поддршка од невладиниот сектор, како и од низа меѓународни организации и асоцијации, меѓу кои и УНХЦР, во справувањето со проблемите и процесите на регистрација на лица кои не поседуваат документи, министерот Спасовски подвлекол дека концептот „Едно општество за сите“ нема да го достигне замислениот успех ако дури само и едно лице во нашата држава е изоставено од институционалната грижа и останало без граѓански идентитет.
– Во време на живеење кога секоја уличка може да се најде со помош на Google мапите, не смее да се дозволи на луѓето да им недостасува тој еден документ, што ги одвојува од другите, што им го ускратува пристапот до основната грижа и уживањето на фундаменталните права, рекол меѓу другото министерот за внатрешни работи Спасовски.