Локалните медиуми суштински за демократијата, државата да се вклучи во субвенционирање

Локалните медиуми се одраз на демократијата во која било земја и не смеат да замрат. Тие треба да се грижат за јавниот интерес и се најблиски до проблемите на граѓаните, а државата мора да се вклучи во нивно субвенционирање, но транспарентно и по фер критериуми. Ова беше нагласено на денешната панел дискусија што во Прилеп ја организираше невладината „Агтис“ на тема „Каква телевизија и какви локални медиуми му требаат на Прилеп“.

Според Александар Цветковски претседател на невладината „Агтис“ не е во прашање само финансирањето на локалните медиуми, туку и дали го одразуваат јавниот интерес. Според анализите во Македониаја локалните медиуми или пропаѓаат или одразуваат партиски интерес.

– Оценето е дека речиси сите локални медиуми (телевизии) не само во Прилеп, пропаѓаат, а оние што се финансираат имаат скриена партиска агенда што доведува до подвоеност во вестите. Главно, нема покривање локални теми и, условно речено, ги нема „малите приказни“, едукацијата за граѓаните и информирањето за битните работи и го нема она граѓанско новинарство кое треба да ги „фати“ политичарите на дело и лошите насоки на водењето на една општина. Сето ова го отвора прашањето – Зошто тоа се случува? Целта ни е да поттикнеме расправа, вели Цветкоски.

За новинарот-аналитичар Сашо Орданоски на Прилеп му недостасуваат медиуми кои ќе се грижат за јавниот интерес, потребно е професионално новинарско обединување и државата да се вклучи во нивно субвенционирање, но транспарентно и според фер критериуми.

– По дефиниција, медиумите се грижат за јавниот, а не за интересот на партиите, бизнисите. Тоа прашање е во тесна врска како се финансираат. Сега е вистинското време ова прашање да се постави на локално и на централно ниво. Мислам дека локалните медиуми не може да опстанат ако не се предмет на одредени субвенции од централно и од локално ниво. Но не медиумите да бидат комотни, туку да добијат субвенции за да ја поддржат нивната елементарна функционалност и да се делат според јасни и транспарентни критериуми. Темата најдобро е да се покрене преку Здружението на новинарите на Македонија. Тоа нема да биде лесна дебата, зашто се вели пари нема. Но кога постои политички интерес, се осведочивме дека градоначалниците сакаат да даваат пари и да „се сликаат“ во медиумите. А, парите што ги даваат не се нивни, туку се на граѓаните. Мојата сугестија е да настане професионалното новинарско обединување. Оваа тема е една од суштинските во развиените земји за владеењето на демократијата. Речиси во сите европски земји (примери во Холандија, Норвешка) локалните медиуми се субвенционираат на начин кој гарантира транспарентност и фер во критериумите. Ако ова не се случи, ќе продолжи „умирањето“ на локалните медиуми, а ќе продолжат партиските злоупотреби, рече Ордановски.

Комуникологот Петар Арсовски вели дека ваквите дебати би ја поттикнале свеста, а државата мора да се активира за да не замрат локалните медиуми.

– Во сушина, ако ги нема локалните медиуми нема кој да се занимава со локалните проблеми. Начинот како да се обезбедат функционирањето, независноста и егзистенцијата на локалните медиуми е тешко да се одговори и во развиените земји, а уште е потешко кај нас зашто сме мал пазар. Некаква интервенција од државата ќе мора да постои во субвенционирањето, зашто локалните медиуми имаат подиректна врска со граѓаните. Ваквите дебати кои би ја поттикнале свеста, треба да се поддржат. Државата мора да се активира за да ги спаси локалните медиуми кои се во изумирање, рече Арсовски.

На денешната дебата што ја организираше невладината „Агтис“ заклучено е што поскоро да се скенираат состојбите и потребите во локалните медиуми во Прилеп.