За десетина дена треба да започне изградбата на безбедносна туристичка патека до изворите на реката Бабуна, од патот што води од село Нежилово кон планинарски дом Чеплес, кој скршнува десно кон изворите, што ќе биде во должина од 1.650 метри и ширина од еден метар.
За изградбата на патеката, вчера претставници на Општина Чашка и на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион потпишаа договор со изведувачот Градежната фирма „Баџак инженеринг“ од Скопје, која согласно договорот работите треба да ги заврши за 90 дена.
Имено, Општина Чашка го доби проектот вреден 40 илјади евра преку Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, а со финансиска подршка од Швајцарската агенција за развој и соработка, во соработка со Министерството за локална самоуправа.
Како што информира за МИА, Горан Стојановски, градоначалник на Општина Чашка, патеката ќе биде тампонирана и обезбедена со заштитни безбедносни сајли, а кај изворите на реката Бабуна ќе бидат направени и летниковци и друга неопходна урбана опрема за одмор на посетителите.
– Со изградбата на патеката бројните љубители на природата, планинари и туристи на овој прекрасен реон под Солунска Глава ќе имаат убава можност безбедно и лесно да стигнат до прекрасните извори на Бабуна и да уживаат во прекрасната глетка на природата и водопадот од водата која извира, појасни Стојановски, нагласувајќи дека со тоа ќе се обезбеди безбедност на сите посетители.
Овој проект е еден од трите кои ги финансира Швајцарската агенција за развој и соработка со Центарот за развој на Вардарскиот плански регион и Министерството за локална самоуправа, вреден вкупно 120 илјади евра.Освен Општина Чашка која доби 40 илјади евра по исто толку доби и Општина Кавадарци за опремување на Соба на вино, и Општина Демир Капија за изградба на рампа за параглајдеристи.
На 9 ноември 2013 година поради немање на безбедносна патека и лизгав терен, се лизна и од 20 метри на карпа, кај изворите на Бабуна, падна и почина 24-годишно момче од Скопје.