Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска оствари средба со потпретседателот на косовската влада Енвер Хоџај, на која, меѓудругото, се разговарало за организација на заедничката владина седница меѓу Македонија и Косово.
– Скопје и Приштина немаат отворени политички прашања, што претставува потенцијал за продлабочување на односите меѓу двете Влади, истакна Османи на средбата.
Тој додаде дека државните раководства мора да вложат повеќе напори за подобрување на условите за размена и комуникација, за да се излезе во пресрет на сѐ поголемиот бизнис потенцијал, но и потребата на граѓаните на двете земји за полесна меѓусебна комуникација.
– Одличните односи наскоро ќе ги демонстрираме и со одржување заедничка владина седница меѓу двете држави, од каде очекувам да произлезат конкретни иницијативи и активности во насока на продлабочување на меѓусебната соработка, рече Османи.
Двајцата соговорници ја повторија заложбата на двете земји за европската перспектива на регионот, за што од интерес е меѓусебна поддршка во процесот на интеграција во ЕУ, соопшти Кабинетот на вицепремиерот.
– Македонија има стекнато огромни искуства преку долгогодишните активности во рамките на процесот за Стабилизација и асоцијација со Европската унија, и со задоволство, овие искуства ќе ги пренесе на нашите колеги од Косово, а со цел забрзување и унапредување на европските перспективи на целиот регион, истакна Османи.
На средбата исто така беа отворени прашањата за унапредување на меѓуграничната и регионалната соработка преку конкретни проекти во рамки на регионалните инцијативи за соработка, особено во рамки на „конективити“ агендата на Берлинскиот процес, но и со заеднички настап пред европските фондови со проекти за меѓугранична соработка.