Доцни декемвриската плата за вработените во училиштата во општина Тетово

Поради административни процедури доцни декемвриската плата за вработените во петте средни и 11 основни училишта во надлежност на општина Тетово.

Поради проблеми со општинскиот буџет за 2018 година што се уште не ги поминал процедурите во Министерството за финасии без плата за декември е и општинската администрација, информираа од Секторот за јавни дејности во општина Тетово.

Вообичаено вработените во образование во претходните години платите од месецот пред тоа ги добиваат околу 15 следниот месец.

– На 27 декември се изгласа буџетот на општина Тетово за 2018 година. Имаше проблеми со читање и одобрување на буџет од страна на министерството за финансии. Општината се обрати до Владата за решение и се надеваме дека во текот на неделава ќе се разгледа на седница и ќе се донесе одлука Министерството за финансии да биде задолжено да се реши овој проблем. Не е проблем недостиг на пари туку процедурата, изјави раководителот на Секторот Ахмед Ќазими.

Според информациите од Министерство буџетот на општината не се одобрува бидејќи не бил потпишан и пратен од страна на претседател на Совет. Општинскиот Совет буџетот го усвои со мнозинство од советниците иако нема избрано претседател.

На седницата иако беше укажано дека на Комисија за финансирање и буџет не го поминал општинскиот буџет како законска потреба претставници на мнозинството на советот истакнаа дека буџетот е донесен по сите норми и правила и по претходна консултација со претставници од министерството за финансии и министерството за правда.

По локалните избори на првата одржана седница Советот изгласа престедател на советот но оваа одлука за неколку часа беше поништена од општинската админинстрација со образложение дека претседателот не бил избран со мнозинство гласови.