Министерот за дијаспора Адеми во посета на Швајцарија

Министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми од денеска до 27 септември ќе престојува во работна посета на Швајцарија, каде што во градовите Лозана, Берн и Женева ќе има состаноци со иселенички организации и интелектуалци од нашата дијаспора, како и со локалните власти.

Како што соопштија од неговиот кабинет, предвидени се средби и со претставници на швајцарската Влада, како и средба со Антонио Виторино, генералниот директор на Меѓународната организација за миграција – ИОМ.

– Фокусот на средбите ќе биде професионалната и социјалната структура на дијаспората од Република Северна Македонија во Швајцарија, унапредувањето на положбата на нашата дијаспора и нивна инклузивност во економскиот, политичкиот, социјалниот и културниот живот во Швајцарија, активностите што излегуваат од Националната стратегија за соработка со дијаспората, како и за актуелните политички цели на Владата на Република Северна Македонија, стои во соопштението.

На средбата со новиот генерален директор на ИОМ, Виторино, пак, се наведува, се очекува продлабочување на соработката меѓу Владата и ИОМ во областа на дијаспората.