Не функционира прифатилиштето, бездомни и болни кучиња повторно во голем број низ Тетово

Граѓаните во Тетово алармираат дека повторно голем број бездомни кучиња се појавуваат низ улиците градот, додека пак има напади врз луѓето. Според жителите, освен во самото централно подрачје, бездомните кучиња ги има и на самиот плоштад.

Во мај во соработка со приватна ветеринарна ординација по пат на јавен повик започна со работа прифатилиште за кучиња, но се третирале животните само во период од помалку од два месеци односно до крајот на јули.

– Ние добивме средства на тендер и според договорот ги третиравме кучињата врз основа на средствата кои ни беа на располагање. Односно имавме вкупно 600 илјади денари. Во периодот од еден месец и половина беа третирани вкупно 84 кучиња. Кај дел од нив беше спроведена еутаназија поради лешмањоза, а дел од нив добија стерилизација, кастрација, вакцини против беснило и слично, изјави Рами Селмани, ветеринар.

Од тетовската локална самоуправа информираа дека во иднина ќе се работи на оваа проблематика.

– Општина Тетово има предвидени средства за објавување на вториот тендер за згрижување на кучињата-скитници во општината, а истиот се очекува да биде објавен за еден месец, се вели во одговорот од Канцеларија за комуникации и односи со јавност на Општина Тетово.