Поддршка од Партијата на европски социјалисти за Владата на Република Северна македонија

Поддршка од Партијата на европски социјалисти и очекување Република Северна Македонија да го добие најавениот датум за почеток на преговорите со ЕУ, денеска даде  претседателот на  ПЕС и поранешен бугарски премиер Сергеј Станишев на средбата со премиерот Зоран Заев.

Како што соопштија од Владата на РСМ, европратеникот Станишев ги поздравил договорите на нашата држава со Република Бугарија и Република Грција и демократска зрелост што ја покажува нашата држава, низ политиките на премиерот Заев и на Владата, за носење на реформите во соработка со опозицијата. Тој исто така охрабрил да се изнајде решение и за Законот за јавно обвинителство.

Премиерот Заев се заблагодарил за континуираната поддршка од ПЕС за демократските процеси во државава, што резултираат со процес на интеграција во НАТО и напредок во евроинтеграциите.

-Ги затворивме сите прашања со соседите низ искрени политики на изнаоѓање решенија, ги донесовме низ консензус со опозицијата законите за потребните реформи во државата и сега сме посветени на ефективна имплементација на тие реформи. Посебно сме фокусирани на владеењето на правото и правната држава и за обезбедување еднаквост пред законите за сите. Очекувам одговорно однесување во Парламентот и да го донесеме и Законот за јавно обвинителство со повеќе од двотретинско мнозинство. Сите поранешни предмети поврзани со криминал и корупција, или евентуално нови, како и во секоја европска држава, и кај нас, мора да добијат разврска низ независен и професионален правосуден систем, рече меѓу другото, премиерот Заев.

На средбата е изразена поддршка и за одлучноста на Владата за независно функционирање на правосудниот систем. Исто така, заеднички е констатирано дека евро-атлантските перспективи на нашата држава веќе придонесоа кон развој на економската соработка со земјите во регионот и пошироко, нови инвестиции, со тоа и повисоки плати и подобар животен стандард на граѓаните.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *