Ципрас: Многу сум горд на Договорот од Преспа

Лично јас сум многу горд на Договорот од Преспа, договор што останува и ќе остане во историјата, рече лидерот на грчката опозициска партија СИРИЗА, Алексис Ципрас одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во рамките на Меѓународниот саем во Солун.

Поранешниот грчки премиер, ја спомена политичката цена, велејќи дека иако била голема не потклекнал и е горди што го сториле тоа, бидејќи направиле чекор напред за Грција и за зајакнување на кредибилитетот на земјата, jави дописничката на МИА од Солун.

-Договорот од Преспа е договор што останува и ќе остане во историјата, јас лично сум многу горд за него, два пати горд бидејќи не се повлеков пред очигледната политичка цена што ќе ја имав, откако ја видов апсолутно лицемерната позиција на лидерот на тогашната опозиција. Два пати сум горд. Еднаш сум горд бидејќи решивме еден Гордиев јазол во нашата надворешна политика, ги поставуваме основите и предусловите за мир и добрососедство, приближуваме до нас сојузник, кој за жал го имавме спроти нас претходните години. Го добиваме грчкиот карактер, културното наследство на Македонија, рече Ципрас.

Во однос на реакциите од граѓаните, особено од северниот дел на земјата, поранешниот грчки премиер им порача да седнат и трезвено да размислат, дали Грција, со Договорот од Преспа доби или изгуби работи, особено за тоа дали земјата доби или изгуби кога стекна сојузник во регионот и не ја остави отворена вратата за, како што рече Ципрас, „трети земји да играат одлучувачка улога во регионот на Балканот, а особено на границата“. Паралелно, уште еднаш упати критики до Нова демократија за хипокризија и дволичност во однос на договорот.

-Нека седнат трезвено и во главно самите нека донесат заклучоци за онаа лицемерна позиција, за дволичноста на тогашната опозиција, која тогаш говореше за предавство, а сега вели дека за овој, инаку „предавнички договор“, не само што ќе се придржува до него, не само што единственото што ќе го направи е да се придржува до верно спроведување, па дури и ќе го почитува, како што кажа госпоѓата Бакојани завчера. Секој нека си донесе заклучок за тоа што е популизам и што не е популизам, порача Ципрас, на денешната прес-конференција во Солун, одговарајќи на новинарско прашање.