Почна асфалтирањето на експресниот пат Штип-Радовиш

Почна поставувањето  асфалт на експресниот пат Штип-Радовиш од винаријата „Имако“ во правец кон селото Долани. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов при денешниот увид во градежните работи истакнаа дека ова е пример како треба да се гради. Задоволни се од динамиката на изградба на компанијата „Штрабаг“ и сметаат дека изградбата на оваа делница ќе биде и пред утврдениот рок.

Со изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш ќе го подигнеме животниот стандард на преку 170 илјади жители на овој регион, а ќе овоможиме и бенефит за околу 12.000 фирми коишто дејствуваат во овие региони, вели Сугарески.

Изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш е во вкупна вредност од 51 милион евра. Во моментов се работи на првата фаза во должина 23 километри и според динамиката на градежните работи се очекува изградбата да биде завршена пред предвидениот рок, во 2021 година.

Сугарески истакна дека со експресниот пат се создава брза патна врска меѓу Југоистокот и централниот дел на државата со што се отвора можност за влез на нови инвеститори, но и подобра комуникација меѓу граѓаните.

-Сосема е јасно дека квалитетната инфраструктура има клучна улога за економскиот развој, затоа како Влада ќе продолжиме посветено да работиме на унапредување на патната мрежа во земјава, континуирано да го поттикнуваме развојот на сите региони и заеднички со општините да соработуваме за посилна економија и подобар живот на граѓаните. Покрај изградбата на експресниот пат, го рехабилитиравме и постоечкиот пат од Штип до Радовиш, како и патниот правец Радовиш-Подареш и патот кон Злетово, а во тек се рехабилитацијата на патот Радовиш-Струмица и реконструкцијата на патната делница Струмица-Ново Село , рече Сугарески.

Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов додаде  дека овој експресен пат е пример за тоа како треба да се гради.

-Со изградбата на овој експресен пат држиме лекција за тоа како треба да се гради. По само година и половина се асфалтира првиот дел од пет километри, а останатиот дел се подготвува. Проектот го воведовме во работа со 99 проценти завршена експропријација и со завршени археолошки испитувања по најбрз можен пат, а согласно законите. За овој дел, финасискиот обем е веќе 52 проценти реализиран, а физичкиот дел 54 проценти. Во фаза на евалуација е и втората фаза од експресниот пат, на потегот од Три Чешми до мостот на Брегалница и од Бучим до излезот на Радовиш. , рече Китанов.

Градоначалниците на општините Штип и Конче истакнаа дека изградбата на овој експресен пат и реконструкцијата на целокупната патна мрежа значително ќе влијаат врз локалниот и регионалниот економски развој.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *