Најновиот проект со музика од Македонија „Македонисимо“ на пијанистот Симон Трпчески синоќа беше претставен во салата за камерна музика, лондонскиот „Вигмор Хол“, која беше исполнета до последното место.
– Токму синоќешниот беше мој прв настап во оваа календарска година и мина фантастично. Проектот што го нареков „Македонисимо“, односно „ептен македонско“ и му го посветив на мојот македонски народ; и на пребирливата, не само британска публика и ја претстави оваа нова димензија на македонската музика низ музичката обработка на нашиот композитор Панде Шахов. Со оваа изведба тој на свој начин одбележа 20 години од својот творечки период минат токму во Велика Британија, каде што живее, твори и предава, изјави Трпчески за Македонското радио.
Со Трпчески настапија и Александар Краповски на виолина, кој работи во Операта во Барселона, Александар Сомов од Бугарија на виолончело (водач на челисти во Стразбуршката филхармонија,Франција), на кларинет, саксофон и на кавал специјално Хидан Мамудов од Штип, кој живее и работи во Виена. Зад удиралките бил Влатко Нушев, колега на Трпчески од оркестарот на Македонската опера и балет.
– Драго ми е што обезбедив и можност за квалитетна снимка на „Македонисимо“. Искрено се радувам за убавиот прием и стоечките овации и едвај чекам проектот да се изведе и на другите дестинации низ светот каде што се надевам дека ќе успеам да го претставам, вели Трпчески. Како следни, тој ги најави концертните изведби на „Македонисимо“ и во Полска, Франција, Бугарија, Холандија и повторно Велика Британија.
Нашиот пијанист Симон Трпчески, кој од неодамна е ексклузивец на германскиот менаџмент КДС („Концертдиректион Шмид“) в петок настапува во финската престолнина како солист на Хелсиншкиот филхармониски оркестар. Таму ќе го изведе Концертот за пијано и оркестар број 2 од Ф. Лист, а под диригентската палка на неговиот добар познаник Алан Бурибаев од Казахстан. Потоа ќе има два рецитала во Шангај и Пекинг, Кина, како и во Острава во Чешка, но и враќање со четири концерти на матичната сцена на Симфонискиот оркестар на Сан Франциско во март.
Македонската амбасада во Обединетото кралство претконцертно организираше прием во „Вигмор Хол“ во чест на британската премиера на „Македонисимо“.
Македонскиот изведувачки тим преводен од Трпчески во петокот гостуваше во живо во радио емисијата „In Tune“ („Во мелодија“) на водителот Шон Раферти на Радио Би Би Си 3, изведувајќи фрагменти од „Македонисимо“