ОД ШИРОК СОКАК ДО МАНАСТИРОТ ВО КРСТОАР
Широк Сокак во Битола е едно од најубавите места за дружби и седенки на битолчани и дојденците во овој град на конзулите. Тука се разврзуваат муабети, се оживуваат спомени, се разменуваат идеи и се примаат и испраќаат абери. Или, едноставно, се седи и опуштено и спокојно се ужива во кафето и во времето поминато со драги пријатели, познати, роднини…
На ова македонско секојдневие со посебни чувства се присетува брачната двојка Рада и Борче (Борис) Видиновски. За нив посебно останале спомените од младите години, кога доаѓале во Битола од нивните родни Живојно и Крстоар, за да ја посетат чаршијата и за да ѕирнат во дуќаните, бидејќи како и сите момчиња и девојчиња сакале модерна гардероба и убави фризури. Но, исто така, тие не можеле да оддолеат и на мирисот на тазе печените симити, кифли, зелници, еклери и разни слатки и специјалитети.
Изминатите години кога од Канада доаѓале во родниот крај во Крстоар и во нивната Битола, многу често дел од дневните ритуали на Видиновски им биле и појадоците крај реката Драгор на традиционалната шкембе чорба. Тука се редат и безброј теми на топлото сонце и се прочитува по некоја интересна страница од новокупена книга. И задолжително се ѕирнува во дневните изданија на весниците, издвојувајќи новости на денот, коментирајќи настани, изјави или најразлични други вести и информации.
Секако, Рада и Борче Видиновски со посебно уживање, нога за нога, ја врват старата чаршија во бабам Битола. Секогаш воодушевувајќи се на занаетите кои опстоиле и не ги згаснало времето. Додека на некои од стотина години – старите дуќани кепенците и катанците останале исти како реликвии во чаршијата, од времето што поминало, од времето што тие се сеќаваат.
Битола
А кога Видиновски се искачуваат нагоре накај раскошните зеленила на шумовитиот извишен Пелистер, кон нивниот Крстоар, тие таму, под раскошните стебла на моликата и крај кладенците и потоците кај Хераклеја, плетат своја приказна на спокојот, обземени од убавините и таинствениот шепот на големиот Пелистер. На тој раскрилен чувар на Битола, на Пелагонија и на Преспа, со богата флора и фауна, не случајно впишан во енциклопедии и раскажуван на научни симпозиуми.
Секоја посета на Битола, и секое враќање во нивниот роден битолски крај, на тој град-музеј и град на нивната младост и времињата потоа, за Рада и Борче се преполни со чувства, и постојано, интересно и незаборавно доживување. Бидејќи тие при доаѓањето во Македонија, во Битола, во Крстоар и Живојно, во сегашноста имаат неброени средби, седенки, посети, разговори, прошетки, часови за одмор, промоции на поетски дела на Рада во Библиотеката кај Широк Сокак и други пријатни активности.
Со пријателите од минатото, со своите блиски роднини, со старо-новите пријатели и познајници, имаат многу средби и разделби низ сокаците и кафе-рестораните на чаршијата во Битола.
А овој милениумски град во пелагониските атари е пребогат со цивилизациски, археолошки, историски и какви сѐ не други вредности кои го вбројуваат во најпознатите и најдолговечните на балканските простори. Рада и Борче Видиновски се дружељубиви луѓе, креативци, поети и силни родољуби, многупати, уште од раните утра од Крстоар доаѓаат во Битола за да го почнат денот од кај раскошниот Битолски парк и градското шеталиште-познатата маршрута на одмор и рекреација за рекреативците и спортистите и да продолжат по Широк Сокак.
За Рада и Борче неодминлива дестинација е Широк Сокак, најпознатиот сокак, кој е со посебен шмек, шарм и поседува посебна атмосфера и амбиент. На сокакот што е опеан во песните, запишан во книгите и запаметен во спомените, се одвиваат најразлични настани. Често се вкрстуваат погледи, желби и видувања, или се густира лезет-кафе со локум, чаша вода или пресна бира, се разбира, кој како посакува и милува.
Хераклеја
Затоа и во стиховите на Рада има поетски изблици за Широк Сокак, за Живојно, за Крстоар, за Македонија. И кога одвреме-навреме си приспомнува за времињата на своето детство и младост, секогаш се тоа незаборавни денови и години кои Рада, на свој начин ги оживува и преживува.
Се присетува како во дворовите и на сокаците, на ливадите и крај вечерните огнови се дружеле со врсниците, забавувајќи се со нивните омилени приказни и разните игри. Или кога рано наутро нив ги буделе песните на славеите, лаежот на кучињата, довикувањата на соседите дека е време да се оди во бавчите и градините…
Рада во својата поезија опишува и се присетува како газела во ладните бистри потоци, како берела јагоди, јаболка или цвеќиња од кои се ширеле опојни мириси. Со тие цвеќиња со другарките се кителе во косите и на фустаните. Грмнувале тапаните за празниците и оро големо се развивало сред село, на која младоста била најубавиот декор. Моми и ергени, песни пееле, најубаво оро играле, а и многу симпатии се раѓале.
Манастирот во Св. Кристофор во Крстоар
Рада била воодушевена и од песните на жетварите кога во Живојно го собирале родот од полињата. Секако, дека незаборавни се и вечерните седенки и дружбите со другарките. Тогаш, со смеа и убаво расположение се дочекувале вечерите, а момите многупати загледани во ѕвездите ги спомнувале желбите и младешките соништа, мечти и надежи.
Незаборав на Рада и Борче се и средбите во хотелот „Епинал“ во Битола со нивни другари и другарки од детството, младоста и училишните клупи. Притоа, многупати присетувајќи се на разни случки и на нивните желби и планови тогаш, како и каде натаму ќе ги однеле животните мечти, планови и патишта.
Тие се присетуваат како се родила идејата да тргнат по белиот непознат свет, во потрага по нов живот и нови предизвици, во демократска Канада. Исто така, се присетуваат како, токму Канада ја одбрале за нивен втор семеен и постојан дом. Но, и како татковината, нивната библиска Македонија, останала да биде блесокот и животната амајлија во душата, да биде нивната бескрајна љубов во срцата и мислите, во творештвото, незаборавот…
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН