Свети Николе за првпат организира јавен градски превоз за седум села

Општина Свети Николе за првпат ќе има јавен градски превоз од седум села до центарот на Свети Николе. Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски за МИА вели дека јавниот повик за организирање на автобуски превоз е во тек, а планирани се вкупно три релации.

-За почеток ги планиравме релациите од Мустафино, Ерџелија, Кадрифаково-Свети Николе, потоа од Амзабегово, Црнилиште, Пеширово-Свети Николе и од Горубинци до Свети Николе. Од општинскиот буџет за субвенционирање на јавниот градски превоз предвидовме средства, а жителите на овие три поголеми села во општината ќе имаат помал трошок за превоз, бидејќи сега плаќаат такси превоз и од 100 до 200 или 300 денари, вели Велковски.

Билетите за околу 4.000 жители во Светиниколскиот регион ќе се движат од 20 до 40 денари, во зависност од одалеченоста на селата.

-Планирано е автобусите да поминуваат по двапати во денот на овие реалации, а за сигурно можам да кажам дека ќе го има во саботите. На овој начин им се олеснува коминукацијата и транспортот на населението од селата во градот, којшто имаат потреба да ги извршуваат своите работи.Но, оваа е и големо олеснување и за оние коишто живеат во градот, а имаат имот во селата, вели Велковски.

Тој истакна дека пред воведувањео на јавниот градски превоз во селата ќе бидат изградени и автобуски постројки, се очекува да профункционира по 1 октомври, а се планира и отварање на линии од другите села во оваа општина.