Откупот на модра слива во Пијанец тече без проблеми. Трговците за откупен килограм од пијанечкото „сино“ злато, на овоштарите им нудат цена од девет до 11 денари за килограм, додека во откупниот центар на најголемиот стопански капацитет „Рудине ММ“, цената се движи од шест до девет денари, за килограм модра слива. За овоштарот Исус Десподовски од село Вирче, ова беше слаба година, бидејќи родот, поради низа околности, беше послаб од минатата година.
-Ако минатата година имавме проблем со пласманот, сега тоа не е случај, но проблем е слабиот принос. Тоа што немавме доволно род се должи на неколку работи. Најпрво имавме обилни врнежи, потоа дел од сливите измрзнаа, а на сето тоа имавме и долг сушен временски период, што резултураше со слаб род. Јас пласман обезбедив преку мои пријатели, кои откупија се што имав набрано, вели Десподовски.
Оние земјоделци кои имаа среќа да имаат малку подобар род, а меѓу нив и земјоделецот Славе Никовски, бараат интервентна мерка од два денари од државата.
-Има трговци кои вршат манипулации, сакаат да ја земат за џабе сливата. Сакам до Министерството за земјоделие, да испратам апел, да го насочат вниманието кон овој проблем, да биде откупната цена, ако треба два денари, но да биде загарантиран откупот, да не се дозволи менаџерите да ја решаваат нашата судбина. Нека останат во државата парите, но да се знае како во Италија и други држави, дека имаме загарантирани цени како овоштари, истакна Никовски.
Во Пијанец има 252 илјади садници со сини сливи засадени на околу 650 хектари. Минатата година произведени беа рекордни 12 илјади тони сина слива, додека според овоштарите, годинава родот е намален за 40 проценти во однос на лани.