Се интензивираат градежните работи од втората фаза на експресниот пат Штип – Кочани

Градежните работи на втората фаза од експресниот пат Штип – Кочани се интензивираат и градежната оператива веќе е префрлена на делницата долга 13,7 километри од селото Крупиште во правец на Кочани.  Новото сообраќајно поврзување ќе овозможи поголема безбедност и скратување на времето на патување за жителите од целиот источен регион, оценија при увидот во текот на изградбата на патот премиерот Зоран Заев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов и градоначалниците од регионот.

– Првата фаза од експресниот пат од штипското село Три Чешми до Крупиште е завршена со 80 отсто и очекувам во почетокот на идната година да се комплетира асфалтирањето, што веќе е започнато. Оваа втора фаза, од Крупиште кон Кочани, почна да се гради пред околу два мнесеца и рокот за завршување е до пролетта 2021 година. Ќе биде со висок квалитет на градба, ќе биде широк 11,5 метри, односно две ленти од по 3,5 метри и уште две од 2,2 метрри. Со оглед што претходно беше завршена реконструкцијата на патната инфраструктура до границата со Бугарија, со комплетирањето на овој пат значително ќе се унапреди поврзаноста на регионот со остатокот на државата, истакна Китанов.

Премиерот Заев нагласи дека Владата ќе продолжи со инвестирањето во патната инфраструктура, особено кај локалните сообраќајници.

– Значајно е тоа што во октомври очекуваме тендерска постапка за локалните патишта, за што како проекти се предвидени 70 милиони евра од Светска банка, а финансирањето ќе биде заокружено во почетокот на декември. Наша цел е со оваа извршна клаузула навремено да ги завршиме јавните набавки за да можеме напролет да имаме офанзива во изградбата на локални патишта. Процедурата за потпишување на договорот со ТАВ е почната, направени се законските измени, со што добиваме 35 милиони евра за изградба на канализациски и водоводни мрежи, за градинки и училишта, а дополнително се преговара за уште 55 милиони евра наменети за водовод и канализација што ќе се реализираат до крајот на оваа и на почетокот од идната година, истакна премиерот Заев.

Според Заев, државата е финансиски стабилна и ликвидна, а задолжувањата се однесуваат само за капиталната инфраструктура, а не и за исплата на плати, пензии или социјална помош.