Премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата соопшти дека Владата синоќа одлучила да им помогне на лозарите, најмалку како што беше ланската интервенција од денар за килограм предадено грозје, но можеби и повеќе, зависно од можностите.
Дали производителите ќе добијат поголема поддршка од минатата година ќе се знае, како што рече Заев, кога ќе почне откупот.
Премиерот октри и дека се преговара со визбите околу шеќерните единици – да бидат фер поставени како основа на откупувачката политика.
–Синоќа одржавме состаноци и донесовме одлука да ги помогнеме лозарите како лани, па дури и повеќе. Ќе ги следиме сите можности што ни стојат на располагање. Секако во тековниот период, кога ќе почне откупот, и ќе ги соопштиме сите наши можности. Но, од оваа година имаме дополнителна поволност заради падот на севкупните каматни стапки, веќе и исплатата на откупеното грозје ќе се исплаќа во готово со огромен, поголем процент зашто калкулациите кај визбите покажуваат дека ако земат кредит и веднаш тоа го направат, тогаш, поради поевтините каматни стапки, многу брзо лозарите ќе дојдат до самите пари, истакна Заев.
Потсети дека Владата досега веќе интервенираше во градинарството и овоштарството.
-Продолжуваме со раст на субвенциите. Досега зголемивме со импакт 1,8 милијарди денари повеќе субвенции кај индивидуалните земјоделски производители, но и продолжуваме со интервентните мерки таму каде што е потребно за да ги поминеме цикличните движења. Тоа го правевме во градинарството, во овоштарството, еве сега земјоделците се исправени пред потребата во делот на лозарството, пред се, во производството на винското грозје. Знаете дека минатата година интервениравме со еден денар, напомена премиерот.