Почна канењето за Пијанечко-малешевската свадба

Со посета на институции и канење на гостите, членовите на КУД „Гоце Делчев“ од Делчево ги почнаа активностите за 13-тото издание на Пијанечко-малешевската свадба. Манифестацијата се одвива неколку дена, а главниот дел ќе се одржи в сабота, на 7 септември, кога својата љубов пред присутните гости, ќе ја крунисаат младоженците Наталија Богатинова и Александар Петровски.
Како што истакна организаторот Зенил Реџепов, денешниот адет на канење на гостите, се прави на стар автентичен начин, како што некогаш налагале обичаите на овие простори.
– Денес е чинот на канење на гостите за свадбата со шарени бонбони, погача и ракија. Како дел од старите свадбарски обичаи, потоа имаме месење на погача „плетеница“ во куќата на идната невеста, како и „плетеница“ погача во куќата на момчето. Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ е подготвено за главниот настан во сабота и во оваа прилика ги поканувам гостите да повелат во сабота на летната сцена во Делчево од 11:30 до 16 часот и да ја проследат оваа културна манифестација, истакна Реџепов.
Паралелно со овој настан ќе се одржи и Меѓународниот фолклорен фестивал „Делчево Фест 2019“, фестивал на кој, како што дополни Реџепов, ќе настапат фоклорни групи и ансамбли од земјава и странство.
– По 43-ти пат сме организатори на Меѓународниот музички и фолклорен фестивал „Делчево Фест 2019“. И овојпат имаме збогатување на содржините. Во рамки на програмата ќе имаме саем на храна „Некогаш и сега“, ќе имаме јубилеен концерт на летната сцена во Делчево, на кој покрај нашето културно-уметничко друштво, ќе настапат и друштвото за култура „Каблови“ од Јагодина,Р Србија, Ансамблот за народни танци и песни „Атанас Манчев“ од Бургас, Р. Бугарија и други групи од земјава и странство, додаде Реџепов.
Покровител на настанот е градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски, поддржувачи се Министерството за култура, Агенција за промоција и поддршка на туризмот, невладини организации од регионот како и бизнис-секторот.