Дебарските комуналци го ставија штрајкот во мирување

Дебарските комуналци се договорија со локалната власт да почекаат уште еден месец за надминување на проблемите со кои се соочуваат, по истекот на рокот даден за тоа, што следуваше по двонеделниот штрајк.

-На средбата што ја имавме со вработените во Јавното комунално претпријатие „Стандард“ наидовме на разбирање кај нив за да ни дадат дополнителен едномесечен период за да можеме да изнајдеме можности за надминување на проблемите. Ние целосно го разбираме нивното незадоволство, но проблемите се наталожени со години за што потребно е преземање активности и мерки за кои е потребно време, изјави Башким Машкули, претседател на Советот на општина Дебар.

Веста ја потврдуваат и од претпријатието чии вработени ја прекинаа работата на 15-ти минатот месец, со барање да им бидат исплатени придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување за 11 години, зголемување на платите и подобрување на условите за работа.

Ден потоа, Советот на општината одржа вонредна седница на која проблемот на „Стандард“ беше единствената точка на дневниот ред. По повеќечасовната, на моменти жешка дебата, на која присуствуваа и дел од вработените, Советот одлучи да го овласти градоначалникот, врз основа на законот со негова поддршка,да го реши проблемот на „Стандард“ во рок од десет дена.

По ова, и средбата со највисоките функционери на општината со вработените, тие одлучија штрајкот да го стават во мирување и експресно го исчистија градот кој почна да се гуши во отпад.

На 80 вработени на „Стандард“ од јануари 2015 година редовно им се плаќаат придонесите,но поради заостанат долг кон Фондот тие и понатаму не можат да добиваат здравствени услуги.

Од друга страна, на име неподмирени сметки за потрошена вода и подигнат смет домаќинствата и правните субјекти на „Стандрад“ му должат над 1,3 милиони евра.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *