Северна Македонија ја доби втората транша во износ од 11 милиони долари од грантот од САД наменет за развојната цел за просперитетно, самоодржливо и инклузивно демократско општество. Заменик-министерката за финансии, Ширет Елези и претставникот на УСАИД во држвава Ненси Годфри денеска потпишаа Амандман на Договорот за грант, а со којшто УСАИД го зголеми и планираниот износ на средства за предвидената развојна цел, на 25,5 милиони долари.
– Средствата се наменети за активности што ќе овозможат зголемен раст на приватниот сектор, поголема вклученост на граѓаните во носење на одлуките, зајакнато добро владеење и подобрена кохезија во општеството, рекла на средбата заменик министерката за финансии Ширет Елези, истакнувајќи дека договорот е од особена важност за државава.
Како што е оценето на потпишувањето, проектите имаат цел да ја зајакнат конкурентноста на микро, малите и средните претпријатија, да го подобрат пристапот до финансии, да создадат поедноставено деловно окружување и да обезбедат поголема енергетска сигурност.
-За да се промовира учеството на граѓаните, програмите ќе го поддржат јакнењето на граѓанското општество и зголемувањето на професионалноста на независните медиуми. Со цел зајакнување на доброто владеење, обезбедуваме помош за градење на капацитетите на извршната власт, законодавните тела и националните изборни тела. И на крајот, во насока на зајакнување на врските меѓу заедниците, со овие средства се поддржуваат активности кои ќе ја подобрaт меѓуетничката интеграција и ќе го зголемaт вклучувањето на маргинализираните групи во општеството, оцениле на состанокот Елези и Годфри, соопшти Министерството за финансии.