Царовска: Честит Ден на рударите, со намалувањето на старосната граница за пензионирање исправивме голема неправда

 Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска синоќа присуствуваше на свечена седница на Општина Пробиштип по повод 28 август, Ден на рударите.

Таа во своето обраќање во кое им го честиташе празникот на сите рудари во државата рече дека Министерството за труд и социјална политика и Владата го исполнија долгогодишното барање на рударите за намалување на старосната граница за пензионирање и исправија една голема неправда со измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

– Ветивме и реализиравме намалување на старосната граница за пензионирање на рударите кои работат во подземен коп и досега според овој Закон во пензија се заминати 51 рудар од кои осум се во Пробиштип. Со законските измени кои се на сила од крајот на минатата година рударите остваруваат право на пензија со навршување 40 години пензиски стаж за мажи, односно 35 години пензиски стаж за жени. Тоа значи дека ако претходно рудар се пензионира со навршени 58 години, со новото решение се пензионира на околу 50 години. Со овие законски измени се излегува во пресерет на долгогодишните барања на рударите, рече министерката Царовска.

Таа најави дека се подготвуваат законски измени со кои ќе се прошири бројот на стечајци кои до пензионирање ќе земаат месечен надомест од 8.254 денари. Со Законот за материјално обезбедување на невработени лица, посочи, досега се опфатени приближно 11.000 стечајци, но оваа бројка ќе продолжи да се зголемува, бидејќи целта на Владата е да ги извлекува најранливите од сиромаштија.

Министерката потенцира дека успешно се спроведува и социјалната реформа со која социјалната помош се зголеми во просек за 300 отсто.

– Само за три месеци од спроведувањето на реформата зголемена помош добиваат околу 27.000 домаќинства, а бројот на деца кои користат детски додаток е зголемен за три пати и во моментот изнесува 20.230, додаде Царовска и ги повика жителите на Пробиштип, но и сите останати граѓани кои се приматели на гарантиран минимален приход или земаат минимална плата да се пријават во центрите за социјални работи за да може да ги користат овие додатоци.