Законот за ЈО во собраниска процедура, ако нема двотретинско мнозинство, ќе се активира план Б

Законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши и идниот статус на Специјалното јавно обвинителство влезе во собраниска процедура. Парламентот вчера одлучи тој да се носи по скратена постапка. Министерката за правда Рената Дескоска најави дека доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство, тогаш во опција се други решенија, а едно од нив, како што рече, се измени во Законот за советот на јавни обвинители кој се носи со 61 глас. Вчера попладне претседателот на Комисијата за европски прашања Артан Груби за в четврток ја закажа седницата на која ќе ги разгледува овие два закони, со што фактички ќе почне расправата во Собранието.

Министерката за правда Рената Дескоска, образложувајќи ги причините зошто се предлага овој закон да се донесе по скратена постапка, изрази надеж дека сите политички партии ќе смогнат сили да гласаат за овој закон со кој ќе продолжат постапките почнати од Специјалното јавно обвинителство.

Во изјава за медиумите дадена по изгласувањето на потребата од донесување на овој закон по скратена постапка, Дескоска повтори дека главен камен на сопнување меѓу власта и опозицијата останува статусот на предметите што ги води СЈО.

– Клучната разлика останува околу ефикасното завршување на судските постапки кои се почнати од Сепцијалното јавно обвинителство. За жал, преовладува мислењето и впечатокот дека на ВМРО-ДПМНЕ му е поважно да ги спасат оние кои се обвинети во постапките од СЈО, отколку да овозможат ефикасно водење на судските постапки и со тоа обезбедување на отворање на преговори за пристап кон Европската унија, изјави Дескоска. Таа најави дека доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство за Предлог-законот за јавно обвинителство, тогаш во опција се други решенија, а едно од нив се измени во Законот за советот на јавни обвинители кој се носи со 61 глас.

Пратеникот Антонио Милошовски од ВМРО-ДПМНЕ вчера побара од министерката за правда да си поднесе оставка. По изгласувањето на одлуката Предлог-законот за јавно обвинителство да се носи по скратена постапка, Милошоски во собраниската прес-сала изјави дека во мандатот на Дескоска има најголем политички и судски скандал.

Според него, се злоупотребува европското знаменце за да се донесе Предлог-законот за јавно обвинителство. Сепак, најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во амандманската расправа по предложеното законско решение. Повтори дека судските процеси на СЈО треба да продолжат, но оти како партија сметаат дека треба да се почитува постоечкиот закон на СЈО каде, како што рече, пишува дека мандантот на помошниците обвинители не може да биде подолг од мандатот на специјалната обвинителка. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека обвинителите од СЈО треба да се вратат во обвинителствата од кои што дошле.

Политичарите и политичките партии треба да се воздржат од преземање на улогата на судија и на обвинител, како и на пропагандист или на пишувачи на лажни вести во целиот овој процес, побара вчера пратеникот од ДУИ Артан Груби и претседател на собраниската Комисија за европски прашања, по изгласувањето на одлуката Предлог-законот за јавно обвинителство да се носи по скратена постапка.

Случајот „Рекет“ и вклучувањето на повеќе општествени елементи, како што наведе, ја наметнуваат потребата за ветинг на сите политичари, на сите судии и на сите обвинители без никаков исклучок.

Пратеникот од Беса, Фадиљ Зендели, пак, изјави дека тие нема да го поддржат Предлог-законот за ЈО ако во него нема гаранции дека ќе продолжат да се процесуираат сите предмети кои биле обврска на СЈО.

– Ако немаме вакви гаранции во Предлог-законот, нема да го поддржиме. Значи, како движење Беса и јас самиот како пратеник барам во дебатата и во амандманската расправа да имаме целосни гаранции дека сите предмети кои се започнати и кои биле во постапка или материјали кои се користени од страна на СЈО, ќе продолжат да се обработуваат и од страна на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, изјави Зендели.

Законот за ЈО, кој е од особено значење за евроинтеграцијата на земјата, влегува во собраниска процедура со европско знаменце и по скратена постапка. Во пресрет на вчерашната собраниска седница, завчера состанок за законот во Собранието одржаа работните групи на власта и на опозицијата, но не беше постигнат напредок по спорните прашања.

Со Предлог законот за ЈО се предвидува Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите, односно СЈО и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да се спојат во едно јавно обвинителство кое ќе го носи називот Јавно обвинителствоза гонење организиран криминал и висока корупција.

Надлежностите на СЈО и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција треба да преминат во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, кое ќе продолжи да ги води започнатите постапки во фазата во која се преземени. Понатаму, според предложениот законски текст, актуелниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Рускоска се предлага да продолжи да ја врши својата функција како јавен обвинител на Јавното обвинителство за организиран криминал и висока корупција до завршување на мандатот за кој е избрана.

Во однос на јавниот обвинител кој раководи со СЈО, се наведува, по завршувањето на мандатот се применува член 68 ставот (4) од овој закон (Јавниот обвинител на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока  корупција кој нема да биде повторно избран, Советот на јавни обвинители на РСМ го распоредува за јавен обвинител во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија). Инаку, Советот за јавни обвинители, денеска ќе цени дали ќе започне постапка за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која во моментов е во притвор во затворот Скопје за предметот „Рекет“ на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.

Воедно, јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжуваат да ја вршат својата функција во Јавното обвинителство за организиран криминал и висока корупција до завршување на мандатот за кој се избрани, а јавните обвинители во СЈО до истекот на петте години од денот на нивниот избор.

Со денот на отпочнување на примената на овој закон, вработените во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и вработените во СЈО се прераспоредуваат во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција на соодветни работни места согласно со нивните претходно стекнати звања и работни места. Истото се однесува и за истражителите што се доделени на ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и на Јавниот обвинител на СЈО кои продолжуваат да ги вршат своите активности во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, а архивата, материјалните средства и опремата кои ги користи и поседуваат ОЈО за организиран криминал и корупција и СЈО, исто така преминуваат како материјални средства и опрема на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција со право да ги користи и да располага со нив.

Во преодните и завршни одредби од законот пропишано е тој да отпочне да се применува од 15 септември годинава.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *