Со повеќе настани во манастирскиот комплекс „Свети Атанасиј“ во тетовски Лешок овие два дена се одбележува празникот Успение на Пресвета Богородица. Со вечерна богослужба од 17:30 часот денеска започнуваат црковните одбележувања. Утре од 8 часот е предвидена празничната архиерејска литургија чиноначалствувана од Митриполитот тетовско гостиварски Господин Јосиф во сослужение со повеќе свештенослужители од тетовското архиерејско намесништво.
Во рамки на црковно-народниот собир се организираат повеќе музички забави, а предвидено е одржување на традиционалниот Лешочки фолк фест што се одржува во дворот на манастирскиот комплекс. Фестивалот, кој е со ревијален карактер започнува во 20:30 часот. Организатор на Лешочкиот Фолк Фест е Здружението за негување на македонскиот фолклор и традиција „Источник“ во соработка со Македонската православна црква.
Во манастирскиот комплекс во Лешок се наоѓаат трите цркви Свети Атанасиј, Успение на Пресвета Богородица и стар Свети Атанасиј.
Поради масовната посетеност на манастирскиот комплекс денес и утре тетовската полиција информираше дека ќе се воспостави посебен сообраќаен режим околу Лешок.
-Сите кои возила ќе пристигнуваат до манастирскиот комплекс да ги паркираат само на определените локации за таа намена и да ги почитуваат наредбите на полициските службеници кои ќе го регулираат, односно насочуваат движењето на возилата кон манастирскиот комплекс и обратно-потенцираат од СВР Тетово.