Османи и Димитров во Копенхаген реферираа за реформите и посветеноста за расветлување на „Рекет“

Статусот на реформите, преговорите за идниот статус на СЈО кои се во тек, како и случајот „Рекет“, беа теми на денешните одделни средби на вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров во Копенхаген, со министерот за надворешни работи, Јепе Кофод, како и со Вибеке Пастернак Јоргенсен, главна советничка за европски прашања на премиерката Мете Фредериксен остварени во рамки на нивната работна посета на Данска.

Како што соопшти МНР, на средбите, Османи и Димитров реферираа за политичките актуелности во земјата, за постигнатиот напредок во клучните реформски области, во создавањето на добрососедските односи, но и во зацврстувањето на внатрешната стабилност, како основа за подготвеноста на земјата за почеток на пристапните преговори со Европската Унија во октомври, оваа година.

-Потврдувањето на успехот на нашата приказна, со сите предизвици, но и демонстрирана упорност за нивно надминување ќе претставува заслужено подавање на рака за почеток на продлабоченото европско патување, но и валидација за европската перспектива на регионот, истакна Димитров.

Во слична насока вицепремиерот Османи посочи дека Владата е во целост фокусирана на подготовката и создавањето услови за успешен старт на преговорите.

-Фокусот кон реформите и напредокот во клучните области и натаму останува приоритет на Владата, и во периодот кој претстои, преземаме обврска да испорачаме дополнителни резултати, со кои ќе ја потврдиме нашата подготвеност за почеток на преговорите оваа година, потенцираше Османи.

Османи и Димитров, се посочува, се осврнаа и на последните актуелности поврзани со случајот „Рекет“, пренесувајќи го ставот на Владата за безусловна поддршка на истражните и правосудните органи во насока на целосно, непристрасно, ефикасно и транспарентно расчистување со овој случај, без разлика кон кого ќе води, задржувајќи го со тоа и успехот од досега постигнатиот напредок во оваа област.

Во истиот контекст, Османи и Димитров потсетија дека преговорите за идниот статус на СЈО се водат активно меѓу парламентарните партии и изразија очекување дека и оваа реформа навремено ќе биде завршена, со цел квалитетно заокружување на институционалната поставеност на земјата за борба против организираниот криминал и корупција, стои во соопштението од МНР.