Заложби за инфраструктурно поврзување со Бугарија и искуства за регионален развој

Развојот на инфраструктурната мрежа меѓу Северна Македонија и Бугарија е клучен за интензивирање на соработката во сите области. Државава со бугарски искуства ќе го јакне институционалниот капацитет за користење на европските фондови, пред се, за рамномерниот регионален развој и воопшто за примена на европските политики и проекти.

Со меморандумот за соработка на нашето Министерство за локална самоуправа со бугарското Министерство за регионален развој и урбанизам што беше потпишан денеска во Скопје почнува процес на подинамична примена на Договорот за добрососедство од август  2017 година, најавија ресорните министри Горан Милевски и Петја Аврамова.

Како што оценија тие, двете држави се посветени на реализација на проектите кои се од особено значење за меѓусебното повзрување, со фокус на Коридорот 8, како и на подобрување на прекуграничната соработка на двете земји со поддршка на фондовите од Европската Унија.

– Подобрувањето на транспортната комуникација е дел од Договорот за добососедство. Убедена сум дека регионалната соработка и транспортното поврзување се клучни за развој на регионот на Западен Балкан, рече Аврамова.

Таа потенцираше дека од особена важност за натамошно интензивирање на соработката се инфраструктурните проекти на Коридорот 8, како и дека имаат желба за подобро патно поврзување на Софија и Скопје.

Претставувајќи, како што рече, интересен податок од соработката на двете држави, Аврамова информираше дека во Бугарија до 13 овој месец се продадени 85 илјади електронски вињети на автомобили со македонски регистерски таблички и по тој основ Северна Македонија е рангирана на петто место.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски најави дека претстои институционална соработка со Бугарија за зајакнување на капацитетите и подобрување на функционалноста во областите на регионалниот развој, прекуграничната соработка и локалната самоуправа.

– Нам ни се потребни знаењето и искуството на колегите од соседна Бугарија во примената на европските политики и проекти. Ако наш приоритет е рамномерниот регионален развој, тогаш да видиме како тоа го прават нашите колеги во Бугарија и со нивна поддршка да изградиме поголеми административни капацитети за пристап и управувње со средства од развојните фондови на ЕУ, рече Милевски.

Со Програмата за прекугранична соработка за периодот 2014-2020 година во рамки на првиот повик во фаза на реализација се 48 проекти. Пред еден месец во Софија беа потпишани договори за финансирање на 17 нови проекти во вредност од седум милиони евра што ќе се спроведуваат во пет опшини во државава и во две во Бугарија.

Милевски и Аврамовска разговарале како најдобро да ги реализираат средствата за наредниот програмски период од 2020 година. – Еден од предлозите е целосна изградба и ставање во функција на граничниот премин Клепало кај Берово. Од наша страна веќе се работи на ревитализација на патот до граничниот премин во должина од пет километри, наведе Милевски.

Постои, дополни тој, традиција меѓу нашите две земји на соработка меѓу општините и граѓаните, но наша задача ќе биде таа соработка да ја ставиме во функција на локалниот и регионалниот развој, напомена министерот за локална самоуправа.

Аврамова и бугарската делегација што е во посета на државава претходно беше примена и од премиерот Зоран Заев, при што е потенцирано дека се вложува во развојот на сообраќајната инфраструктура и се зголемуваат економската соработка и бизнис релациите.

Заев истакнал дека две години по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија постигнат е значаен напредок во соработката меѓу двете држави во повеќе сектори и зајакнат е политичкиот дијалог.

– Владата на Северна Македонија е посветена на интензивирање на квалитетна и модерна патна мрежа, инвестираме во водоводните системи како значајни проекти за заштита на животната средина и обезбедување на поквалитетен живот на граѓаните. Вложувањата се поттик за економски развој и соработка со соседите во сериозни инвестиции во областа на земјоделството, рударската индустрија и други сектори, рекол  Заев,

Како што соопшти владината прес-служба, Заев и Аврамова оцениле дека Северна Македонија и Бугарија го интензивираат спроведувањето на Договорот за пријателство и соработка, а за тоа сведочат повеќе меморандуми за соработка.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *