ДОМ: Законот за урбано зеленило ќе го „зазелени“ урбанизмот

„Конечно после седум години успеавме да го донесеме овој Закон за кој сметам дека ќе донесе револуција во просторното планирање, односно ставаме рачна кочница на уништување на зеленилото и бетонирање на општините. Со овој закон веднаш ќе може да се почувствуваат придобивките, односно нема зеленилото да ни го снемува пред очи, ќе имаме еден сосем нов пристап во планирањето со тоа што обврзуваме во урбанистичките планови да има 20 отсто предвидено зеленило, не само во населените места, туку и надвор од нив. Очекувам веќе за две години да ги видиме резултатите од зазеленување на градовите, верувам во тоа зашто кај сите градоначалници има силна волја за зазеленување на општините“, вели пратеничката на ДОМ, Лилјана Поповска, еден од иницијаторите за донесување на Законот за урбано зеленило.

Законот беше поднесен од пратениците Лилјана Поповска и Маја Морачанин од ДОМ, Петре Шилегов, Стефан Богоев, Благој Бочварски и Диме Велковски од СДСМ (првите тројца сега градоначалници на Скопје, Карпош и Штип) и Ејуп Аљими од ДУИ.

Во законот стои обврска за изработка на зелен катастар на градот, односно попис на целото зеленило, по број, вид и состојба. Внесен е стандардот од 25 м²/жител зелена површина, за сите идни Генерални урбанистички планови, како и најмалку 20% зелена површина на секоја градежна парцела, зависно од намената и локацијата. Во веќе изградени блокови се прави компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардињери, на покриви и фасади. Предвидена е строга заштита на постојното зеленило, особено на капиталните примероци, независно од видот на сопственоста. Се утврдуваат стандарди и нормативи за планирање, проектирање и одржување на зеленилото, како и носители на одржувањето.

При изработката на Законот за урбано зеленило беа користени искуствата од австриското и германското законодавство за зеленило, Закон за уредување и одржување на зелените површини од 1968 (за кусо време укинат), како и работна верзија на нацрт-текст од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“.

Носењето на Законот за урбано зеленило го иницираше ДОМ како зелена партија, низ повеќе фази. Започна од предлог за изработка на зелен катастар на Скопје во 2011 и иницијатива за Закон за зеленило во 2012, со работна група од членови на Комисијата за екологија на ДОМ, претставници од Градот Скопје, ЈП „Паркови и зеленило“ и Агенцијата за планирање на просторот.

Во јуни и јули 2013, првата верзија на законот помина две расправи со претставници од Градот Скопје и општините, а подоцна и во ЗЕЛС, од каде доби поддршка на 5 февруари 2014. Законот за зеленило за прв пат беше поднесен во Собранието на Република Македонија на 26 февруари 2014 и беше одбиен. Следеше период на ново усогласување на текстот со Министерството за транспорт и врски, нова  јавна расправа со претставници од Градот Скопје и ЗЕЛС, како и јавна кампања на ДОМ за потребата од носење на ваков закон. Новата верзија на законот, преименуван во Закон за урбано зеленило, беше поднесена на 4 јуни 2015 и беше повторно одбиена. По шест месеци, според деловничките правила, законот се поднесе по трет пат на 10 декември 2015 и доживеа трето одбивање.

Под притисок на јавноста, во 2016 година беше донесен главно декларативен текст на Закон за зеленило, без конкретни мерки за заштита, без обврска за изработка на зелен катастар, без нормативи и стандарди за планирање, проектирање и одржување на зеленилото, без финансиски средства за негово унапредување.

Конечно, на 15 јануари 2018, Законот за урбано зеленило е донесен во Собранието, благодарение на политичката воља за сериозна заштита на животната средина и „зазеленување“ на урбанизмот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *