Од 2019 година сакаме да почнеме со среднорочно буџетирање, да излеземе од рамките во кои се планира само тековната фискална година и да имаме план за следните три или четири години, најави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски во своето обраќање во Виена на главниот панел на Euromoney, најголемата конференција од областа на финансиите во Централна и Источна Европа.
Оваа реформа, како што истакна, ќе се работи во соработка со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
– Заедно со ММФ ќе работиме на имплементирање на фискалните правила, на механизми со кои ефикасно ќе го контролираме нивото на јавниот долг. Една од клучните придобивки е дека ќе го промениме начинот на планирање и ќе се подобри таргетирањето особено кај социјалните надоместоци и земјоделските субвенции, со што ќе се подобри нивната ефективност, посочи Тевдовски.
Тевдовски, информираат од Министерството за финасии, доби пофалба од другите панелисти за исклучително ниската каматата што минатата недела ја постигна македонската еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал.
Министерот посочи дека Македонија издаде еврообврзница со историски најниска камата и дека тоа може да се смета за успех од повеќе причини.
– Прво, интересот на инвеститорите беше огромен, имаше огромна побарувачка од 3,5 милијарди евра или седум пати поголема од понудата. Ова е јасен сигнал дека меѓународните инвеститори позитивно ја оценија перспективата на македонската економија. Второ, постигнавме историски најниска камата. Ова е јасен сигнал дека во минатото економските политки не биле најуспешни и поради тоа можеби сме плаќале повисока цена за еврообврзниците. Третата работа која би ја истакнал е дека Македонија сега првпат влезе во проактивно управување со јавниот долг, ја рефинансиравме еврообврзницата која доспева 2020 година, предвреме исплаќајќи ја третината од неа која доспеваше наредните години, по двојно пониска камата, прецизира Тевдовски.
Нагласи дека веќе се преземени чекори за постепена фискална консолидација и додаде дека буџетскиот дефицит годинава од 2,9 е намален на 2,7 отсто, а планот е до 2020 година да се сведе на два отсто. Значително е зголемена и фискалната транспарентност, скратени се непродуктивните трошоци, а со даночните реформи кои се планираат за идната година, како што кажа, ќе се подобри приходната страна на буџетот што исто така ќе влијае на намалување на буџетскиот дефицит.
Порача дека јавното трошење е насочено кон инфраструктурата, кон капитално интензивни проекти. Се работи на подобрување на поврзувањето со соседите, како и подобрување на инфраструктурата од главниот град до туристичките центри во земјата.
– Со оглед дека политичката криза е зад нас, очекувањата се дека земјата ќе направи чекор напред во однос на членството во НАТО, како и дека ќе ги почнеме преговорите за членство со ЕУ. Ова ќе придонесе за поинтензивен и одржлив економски раст во Македонија, рече Тевдовски во обраќањето.
На конференцијата, која по 23 пат се одржува во Виена, присуствуваа над 1.100 учесници, вклучувајќи министри за финансии, гувернери на централни банки, директори на финансиски институции и инвеститори. Министерот Тевдовски беше еден од главните говорници, заедно со Евалд Новотни, гувернерот на Централната банка на Аврстија, Вардан Армија, министерот за финансии на Ерменија, Мамука Бактаџе, министерот за финансии на Грузија, Здравко Мариќ, министерот за финансии на Хрватска, Вилиус Шапока, министерот за финансии на Литванија и Душан Вујовиќ, министерот за финансии на Србија.