Прв летен камп по веронаука во „Пресвета Богородица Пречиста“

Првпат годинава летен камп по веронаука беше организран во манастирот „Пресвета Богородица Пречиста“, кај Кичево.

Како што објави Бигорскиот манастир на кампот учествувале тресеттина деца на возраст од 10 до 15 години, сите од Кичево.

-Низ дружби, игри, пеење и прилагодени послушанија, најмладите кичевчани, имаа можност да се запознаат со суштината на верата, но и со општежителниот манастирски поредок. Оваа прекрасна дружба помеѓу малите манастирски гости и монасите, имаше за цел да ги допре највозвишените теми за верата, љубовта, надежта и радоста, стои во објавата на Бигорски.

Кампови по веронаука традиционално осум години се одржуваат во Бигорскиот манастир и неговиот метох, манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица, но поради презафатеност со работни активности во двата манастира, ова лето овдека се одржаа само две смени од годинешниот летен камп.

Поради големот интерес кај младите со благослов на Архимандритот Партениј, игумен на Бигорскот манастир, кампот е дислоциран во манастирот во Кичево.

Треба да се спомене дека монашкото сестринство во овој манастир пристигна од манастирот во Рајчица, по смртта на сестра Агнија, за да продолжи монаштвото во овој манастир, со бурна историја и многу премрежиња, и со најголема манастирска црква во земјава.