НУ Музеј Куманово заврши со истражувања на локалитетот Градиште

Кумановските археолози завршија со годинашниве истражувања на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане, информираа денеска од НУ Музеј Куманово. Археолозите го истражија масивниот ѕид поголем од дванаесет метри, кој беше откриен и претходната година на оваа енигматична градба од камени блокови, поставени во правец север-југ.
– Околу ѕидот има простории со различни наоди, увезени од егејскиот брег, но и од автохтоно домашно производство. Се открија трагови од насилно уривање на градбата, соопштија археолозите од кумановскиот музеј.
 
Ѕидот е   поставен е на плато пониско од таканаречениотакрополен простор“, со што и стратиграфија на овој дел од  локалитетот е поинаква од ситуациите откриени во репрезентативните градби на врвот од ридот кои претходните години беа истражувани во соработка на кумановските археолози и стручните лица од Инститот за историја на уметност и археологија.
Годинешниве истражувања се продолжение на претходните ископувања што се вршени на овој локалитет и се одвиваа западно од веќе истражениот простор, со цел да се добие увид во секојдневието на луѓето во населбата, што е различно во однос на претходните години кога се истражуваа монументалните градби. Наодите, како и претходните години  потекнуваат  во 4-2 век пр. н.е. (т.н. хеленистички период).

Од кумановскиот музеј се надеваат дека ископувањата на овој значаен локалитет ќе продолжат и наредната година, бидејќи локалитетот и откритијата се многу значајни за овој дел . Локалитетот за прв пат е откриен пред околу 30 години, а уште при самото прибирање на површинскиот материјал, увидено е дека станува збор за богата населба лоцирана на левиот брег на Пчиња, која егзистирала во периодот наенеолитот, железното време, раната антика и хеленизмот.