Потпишан договорот за реконструкција на Мултикултурниот центар во Кочани

Општина Кочани обезбеди 316 илјади евра од европските фондови и од домашни извори за реконструкција на Мултикултурниот центар, за што денеска со Центарот за развој на Источниот плански регион (ИПР) беше потпишан и договорот за реализација.

Објектот, што меѓу граѓаните е познат како Старо кино, се наоѓа во централното градско подрачје на Кочани и со претстојните градежни активности ќе се обезбеди техничко решение за негова хидроизолација, односно ќе се постави термоизолациска фасада и ќе се изврши делумно внатрешно преуредување.

– Проектот ќе се реализира во соработка со Општина Кочани, при што 213 илјади евра се обезбедени од вториот повик на ИНТЕР-РЕГ Програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија, околу 37 илјади евра обезбеди Министерството за локална самоуправа, а 65 илјади евра ќе кофинансира Општината. Периодот за завршување на реконструкцијата на Мултикултурниот центар е две години и очекуваме изведувачот на градежните работи да го испочитува овој рок, истакна Драгица Здравева, раководител на Центарот за развој на ИПР.

Од локалната самоуправа најавија дека комплетната реконструкција на објектот ќе се изведува во две фази, односно по завршувањето на реконструкцијата на надворешноста ќе се подготви технички проект за внатрешна санација.

– Се работи за прва фаза од реконструкцијата на објектот, односно негова надворешна и внатрешна заштита од натамошно пропаѓање, а во втората фаза се планира ново техничко решение за бината и за партерот во салата. Со тоа, по подолг период ќе му ја вратиме функцијата на Центарот, а граѓаните повторно ќе добијат корисен простор за културни и други настани, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Мултикултурниот центар е изграден пред околу седум децении и располага со сала, неколку училници, канцеларии и други помошни простории на вкупна корисна површина од околу четири илјади метри квадратни. Од нив во моментот ефикасно се искористени помалку од половината, со оглед што поради сериозните оштетувања и дотраеноста на објектот тој е неупотреблив.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *