Билатералната одбранбена соработка меѓу Република Северна Македонија и Австрија е на исклучително високо ниво, заклучија на денешната средба во Скопје, заменик министерот за одбрана Беким Максути и директорот за одбранбена политика во австриското Министерство за одбрана, генерал-мајор Јохан Франк.
Од Министерството за одбрана информираат дека заменикот министерот Максути во контекст на членството во НАТО истакнал дека процесот на ратификација на Пристапниот протокол тече со исклучително брзо темпо и изразил надеж дека Европската Унија ќе донесе позитивна одлука за почеток на пристапните преговори, имајќи го предвид прогресот што е направен во изминатиот период.
– Австрија е една од најважните земји за нас и Ви благодарам за сета поддршка во процесот на реформи и развој, особено во областа на одбраната, истакнал Максути, додавајќи дека одбранбените реформи се движат со одлично темпо и оти тоа е резултат и на поддршката од партнерските и пријателски земји како Австрија.
Австрискиот генерал ја потврдил австриската поддршка за почеток на пристапните преговори на нашата земја со Европската Унија и изразил надеж дека членките на Унијата ќе дојдат до консензус за отворање на пристапните преговори со Република Северна Македонија.
Делегацијата предводена од генералот Франк претстојува во нашата земја, во рамки на годишните билатерални консултации за одбранбена политика. Планот за билатерална соработка во областа на одбраната за оваа година опфаќа вкупно 22 активности, со фокус на соработката на воените академии и специјалните сили.