Битолски „Комуналец“ со апел за почитување на комуналниот ред во градот

Директорот на ЈП „Комуналец“-Битола, Панде Богоевски денеска апелираше за почитување на комуналниот ред во градот, заклучок кој менаџментот на претпријатието го донеле заедно со членови на Советот на Општина Битола од редовите на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ.

Богоевски посочи дека на заедничка средба што се одржала во ЈП „Комуналец“-Битола со избраните членови на Советот на Општина Битола од власта и опозицијата, се договориле како да придонесуваат за почист и поубав град.

-На средбата советниците ги запознав со регулативите од комуналната сфера кои секого обврзуваат и потсетив дека освен што советниците донесуваат одлуки, треба и да ги почитуваат. ЈП „Комуналец“ има обврска да ги реализира Програмите за јавно зеленило, јавна чистота и улично осветлување што ги донесува Советот на општина Битола, и излегува во пресрет и реализира барања на граѓани, здруженија, институции, урбани заедници кои се од интерес на градот. Сите се согласивме дека хаотичното поставување на урбана опрема не може да биде дел од организиран, интегриран систем на управување со отпад, изјави Богоевски на денешбата прес-конференција.

Од ЈП„Комуналец“-Битола најавија континуирани средби со избраните советници на која како што беше речено крајна цел е подобрување на обемот и квалитетот на комуналните услуги за граѓаните.

-Задоволни сме што советниците го разбраа нашиот апел и интервенциите од граѓаните дека во комуналната сфера не смее да има безредие и дека треба да се почитуваат одлуките кои самите советници ги донеле, а тоа е комуналниот ред во Градот. Истовремено, рече Богоевски, ги охрабруваме сите граѓани, здруженија кога имаат намера да постават дополнителна урбана опрема или организираат комунални акции да се координираат со ЈП „Комуналец“-Битола.